Достапни линкови

Партиципација, книги, членарини, семинари, конгреси...


Колку пари ќе ве чини, а и колку време ќе загубите ако сакате да работите како лекар? Доктор Иван Иваноски, има син кој е втора година на студиите по медицина во Скопје.

„200 евра секоја година за сите шест години, не е можно ослободување. Книгите се доста скапи, така што и постариве книги, секоја книга има измена, па старите книги не важат.“

Но, големите процедури и трошоците овде не завршуваат. Дипломираните мораат да полагаат стручен испит, за да покажат што научиле на факултетот. Испитот има три дела, се полага писмено, усно и практично, а сето тоа чини 26 илјади денари. А за прв пат да се запишат во регистарот на лекарите треба да доплатат уште 7.400 денари. За да добијат работна лиценца ќе треба да специјализираат уште пет години, и да платат 9.600 евра. Првите години не можат да работат самостојно, туку под надзор на искусен лекар:

„Кој ќе биде ментор, дали менторот ќе плаќа. Кој приватник ќе сака да обучува студенти ако не е финансиски заинтересиран? Јас не би сакал да обучувам ако немам финансиски интерес да обучувам друг освен сопственото дете, а што е со оние кои нема кој да ги обучува?“

додава доктор Иваноски.

Но и искусните лекари велат дека постојано се изложени на нови трошоци. Во 2011 година ќе треба да ги обноват стекнатите лиценци, а за тоа потребно е континуирано да се обучуваат, односно да посетуваат конгреси и семинари кои чинат пари. Претседателот на лекарската комора Алексеј Дума, во интервју за Радио Слободна Европа изјави:

„Континуирана едукација, со 16 илјади денари не може да си купи ниту книга, ниту магазин, а не на конгрес да оди. И затоа разговараме да се изнајде начин да се покриваат нивните трошоци до некаде, се додека не дојде до ситуација, тој да може подобро да заработи, од тоа што ќе го научи. Тоа ни е целта. Тоа е во интерес на пациентот. “

И како мал додаток, лекарите плаќаат и по 120 денари месечно за членарина во лекарската комора.
XS
SM
MD
LG