Достапни линкови

ЕСМ продадено на австриската ЕВН за 225 милиони евра


Владата на вечерашната вонредна седница одлучи да ја прифати понудата на австриската ЕВН за купување на ЕСМ. ЕВН понуди 225 милиони евра плус 96 милиони инвестиции во наредните три години и во тесна трка со ЧЕЗ којшто понуди 181 милион плус 62 милиони инвестиции и ЕНЕЛ со 40 милиони за Дистрибуцијата и 80 за инвестиции, е прогласен за победник на овој тендер.

„Владата одлучи да ја прифати понудата на ЕВН АГ од Австрија да биде нов сопственик на Електростопанство-Дистрибуција. ЕВН од Австрија понуди 225 милиони евра за ЕСМ-Дистрибуција и понуди во следните три години 96 милиони евра инвестиција“,

изјави Владо Бучковски, претседател на Владата на РМ, додавајќи:

„Од име на Владата го изразувам задоволството за постигнатата цена. Според компаративните анализи, ова е највисоката постигната цена во регионот, а според наше мислење и уште една потврда за исклучително поволната бизнис клима која се создава во Република Македонија“.

Министрите, на оваа тема дебатираа еден час и донесоа одлука ЕВН да биде победник на овој тендер. Инаку на тендерот за ЕСМ-Дистрибуција, учествуваа вкупно четири фирми. Една од нив, тоа е германската РВЕ се откажа порано, таа воопшто не достави понуда за купување на ЕСМ.
XS
SM
MD
LG