Достапни линкови

Прекинување на доброволната соработка со ОН ако се најде на дневен ред за санкции


Иран денеска соопшти дека ќе ја прекине доброволната соработка со Обединетите Нации доколку се најде пред Советот за безбедност за евентуални санкции. Претходно, генералниот секретар Кофи Анан изјави дека е крајно загрижен од растечката тензија во врска со иранската нуклеарна програма и се понуди да посредува меѓу Техеран и меѓународната заедница.

До зголемувањето на тензиите околу иранската нуклеарна програма дојде откако вчера министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Британија, трите земји кои се медијатори на Европската Унија со Иран, оценија дека нивните преговори со Техеран се во ќор сокак и оти иранското раководство и го врти грбот на меѓународната заедница. Во соопштението се наведува уверувањето дека дошло време да се вклучи и Советот за безбедност на Обединетите Нации со можноста за санкции против Иран. Претходно, според барањето на евроминистрите, треба да се одржи седница на Меѓународната агенција за атомска енергија. Ваквиот став веднаш беше поздравен од американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

„Не станува збор за крај на дипломатијата. Слушнав некои луѓе кои велат дека ова претставува неуспех на дипломатијата. Станува збор само за една дипломатска фаза која не вроди плод. Тоа значи дека ние влегуваме во нова дипломатска фаза.“

Рече Рајс. Во меѓувреме, генералниот секретар Кофи Анан имал телефонски разговор со шефот на иранскиот преговарачки тим Али Лариџани кој, според Анан, изјавил дека Техеран и натаму е заинтересиран за сериозни и конструктивни преговори за неговата нуклеарна програма. Единствено одржливо решение на спорот, вели Анан, е она до кое ќе се дојде преку преговори.

„Би требало да се обидеме да го решиме преку Меѓународната агенција за атомска енергија и Ел Барадеи работи на тоа со сите страни. Во моментот кога тоа не ќе биде можно спорот би можело да се најде пред Советот за безбедност.“

Изјави Анан. Токму ваквата опција не е прифатлива за Иран, чиј министер за за надворешни работи Манучехр Мотаки изјави дека тоа ќе значи крај на доброволната соработка на неговата земја со Обединетите Нации во врска со контролата на иранската нуклеарна програма. Иран тврди дека програмата е со цел да се дојде до нуклеарна централа што е во согласност со меѓународното право. Западот се сомнева во тоа и смета дека Иран развива атомска бомба.
XS
SM
MD
LG