Достапни линкови

ЕУ сака да прими поголем број легални имигранти


Европската Комисија соопшти дека би сакала до крајот на деценијава Европската Унија да прими поголем број легални имигранти. Комисијата оцени дека на Унијата и се потребни работници и оти на ваков начин, на пазарот на трудот, ќе биде намалена илегалната трговија со луѓе. Сепак, повеќето земји членки на Европската Унија не го прифаќаат ваквиот план.

Европа не може да ја избегне имиграцијата, вели еврокомесарот за труд Владимир Шпидла. Токму затоа, според него, Европската Унија треба да почне да ја контролира:

„Економската имиграција денес е реалност и така ќе остане и во иднина. Во исто време, таа е и потребна. Затоа Европската Унија не може да избира меѓу сценарио со имиграција и сценарио без имиграција. Вистинскиот избор е меѓу добро менаџирана имиграциона политика и она што сега се случува.“

Оценува Шпидла. И покрај тоа што во минатото земјите членки на Европската Унија прифаќаа голем број работници од надвор, во последно време почнаа да ги итфрлаат потезите на Европкста комисија со кои се дозволува легална имиграција. Комисијата објаснува дека тоа ќе биде неопходно поради старењеето на европската популација и на слабиот наталитет. Еврокомесарот за правда Франко Фратини вели дека Комисијата има за цел само да ги координира имигарционите стандарди и оти самите земји членки ќе го имаат правото да решаваат колкав број имигранти ќе прифаќаат. Комисијата се надева дека на таков начин ќе биде намалена илегалната имиграција. Се претпоставува дека на територијата на Европската Унија годишно илегално, во потрага по работа, влегуваат над петстотини илјади луѓе.

„Размислуваме, на пример, за поблиска соработка со земјите од каде што потекнуваат тие а се со цел подобро да бидат подготвени за можностите за вработување во Унијата.“

Фратини додава дека Европската Унија не сака да го зголеми таканаречениот одлив на мозоци, процес од кои страдаат многу земји кои не се членки на Унијата. Фратини смета дека Европската Унија мора да се натпреварува со Соединетите Држави и со дргите земји кои привлекуваат голем број на стручно оспособени работници.

„Би требало да го имаме предвид фактот што Соединетите Држави, Канада и Австралија имаат капацитет да ги привлекуваат луѓето кои се високо образовани. Ние пак имаме капацитет за привлекување на неквалификувана работна сила.“

Наведува Фратини, прецизирајќи дека Соединетите Држави привлекуваат пеесет и четири насто од високобразованите имигранти во светот. Осумдесет и четири насто од имигрантите во Европската Унија, според Фратини, се со ниско образование.
XS
SM
MD
LG