Достапни линкови

Отфрлени барањата за брзо повлекување


Американскиот претседател Џорџ Буш уште еднаш ги отфрли барањата за брзо американско повлекување од Ирак. Ова тој го изјави во последниот, петти говор во изминативе три недели, посветен на Ирак.

Овој пат станува збор за телевизиско обраќање на Џорџ Буш, емитувано од Белата Куќа. Сите пет говори имаа за цел да се подобри довербата на домашната јавност во исправноста на политиката на американската администрација во Ирак. Буш оцени дека работата во таа земја наиде на, како што рече, поголеми тешкотии од очекуваното, но побара од американците да не се разочаруваат. Тој притоа додаде дека парламентарните избори во Ирак нема да значат и крај на насилствата:

„Терористите ќе ја продолжат нивната кукавичка работа да поставуваат бомби и да регрутираат самоубици. Вие ќе продолжите да гледате страшни работи во вечерните вести. Но, тоа само покажува колку е тешка војната, а не дека ние ја губиме. Зад сликите на хаос што терористите ги креираат за камерите, ние напредуваме во градењето на демократски Ирак кој нема да биде засолниште за терористи, туку модел за слободата на Блискиот Исток.“

Претседателот Џорџ Буш оцени дека повлекувањето на американските сили од Ирак ќе испрати сигнал во светот дека не може да им се верува на Соединетите Држави. Доколку дојде до такво повлекување, тогаш, според Буш, Ирак ќе се најде во рацете на терористите.

„Би го поткопале моралот на нашите трупи со тоа што ќе ја изневериме целта за која тие се жртвуваат. Со тоа ќе им овозможиме на тираните на Блискиот Исток да и се потсмеваат на нашата неисполнета задача. Ќе им го предадеме Ирак на непријателите кои не напаѓаат, а терористичкото движење ќе станува се поопасно. Повлекувањето пред победа ќе биде знак на негрижа и на нечесност и јас тоа нема да го дозволам.“

Изјави американскиот претседател, кој оцени дека не се креира тероризам доколку се води борба против терористите, туку доколку, како што рече, тие се игнорираат.
XS
SM
MD
LG