Достапни линкови

Балканот се врати во центарот на вниманието на САД


Балканот се врати во центарот на вниманието на Соединетите Американски Држави. Ова се наведува во денешното издание на Фајненшл Тајмс во врска со најновите иницијативи за решавање на отворените балкански прашања, Босна и Херцеговина и Косово.

Американскиот интерес за Балканот се врати по, како што тоа го нарече поранешниот Клинтонов пратеник Ричард Холбрук, четири години негрижа и запоставеност од страна на администрацијата на Буш, се наведува во написот на Фајненшл Тајмс. Официјален Вашингтон вчера ги поздрави разговорите со посредство на Обединетите Нации за детерминирање на финалниот статус на српската провинција Косово што започнаа вчера во Приштина.

„Соединетите Држави целосно ги поддржуваат разговорите предводени од Обединетите Нации и ние га употребуваме нашето влијание за нивен позитивен развој. Сега е време да се исцрта косовската иднина. Со визија, храброст и компромис мора да постигнеме договор што ќе им овозможи на косоварите да живеаат слободно и во мир.“

Изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на вчерашната средбата со лидерите на трите ентитети во Босна, а по повод десет годишнината од Дејтонскиот договор. Но, од друга страна, Вашингтон, како што пишува Фајненшл Тајмс се уште го нема соопштено името на својот специјален пратеник во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Очигледно станува збор за непожелна работа: многу е тешко да се постигне согласност меѓу косовските албанци, повеќето муслимани, кои сакаат независност и србите кои Косово го сметаат за срцето на нивната Православна традиција. Весникот притоа наведува дипломатски извори кои велат дека поранешниот функционер во Стејт Департментот Марк Гросман ја отфрлил понудата за специјален претник и оти сега е во оптек името на адмирал Грегори Џонсон, поранешен шеф на јужната команда на НАТО. Што се однесува до Босна пак, Кондолиза Рајс од босанските лидери побара уставни измени со цел зацврстување на државата.

„Ова е историски чекор кон модернизирање на дејтоновите договори и спроведувањето на оваа заложба е од голема важност за интегрирањето на Босна во евроатлантските институции.“

Рече Рајс која ја поздрави заедничката изјава на босанските лидер за предавање на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Во меѓувреме во Босна, британецот Педи Ешдаун се подготвува да ја заврши работата како висок претставник на меѓународната заедница. На ова место би требало да дојде германецот Кристијан Шварц Шилинг кој во дведесет и втората си даде оствка на местото министер за телекомуникации во кабинетот на Хелмут Кол во знак на протест поради тоа што неговата влада не презема ништо за решавање на босанскиот конфликт.
XS
SM
MD
LG