Достапни линкови

Продолжува пребројувањето на гласовите


Во Ирак продолжува пребројувањето на гласовите од саботниот референдум за нацрт уставот на земјата. Првичните резултати не се очекуваат во наредниве неколку дена. Во меѓувреме, официјален Вашингтон оцени дека референдумот бил успешен, со оглед на големиот одѕив и на релативно мирната атмосфера во која бил спроведен.

Покрај добрите оценки за добро спроведениот референдум за новиот ирачки устав, се повеќе растат сомневањата дека со него нема да запрат и насилствата во таа земја.

,,Добро знаеме дека и во случај да биде позитивен или негативен, резултатот од референдумот ќе биде мачен и со тоа ќе треба да се справиме. Знаеме дека постои извесно ниво на поларизација во Ирак. И како во секое големо семејство: ако знаете дека имате некој дел што не е среќен со вас тогаш вие не можете да живеете во иста куќа со него.”

Изјави денеска портпаролот на ирачката влада Леит Куба во врска со очекувањата на владата од референдумот. Кон страхувањата дека исходот, без оглед дали уставот ќе биде одоборен или не, не ќе значи и крај на насилствата во Ирак се приклучи и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Сепак, таа е на мислење дека секој чекор кон демократијата во земјата, каков што, според неа беше и саботниот референдум, ќе придонесе за извесно намалување на поддршката на ирачките бунтовници.

,,Ако уставот мине, тогаш тоа е во корист на демократијата. Така ќе биде и ако не биде одобрен. Тоа е исто ако кажеш дека некој референдум во Соединетите Држави е против демократијата само затоа што не минал. Клучната работа тука е што сунитите гласаа во голем број.”

Изјави Кондолиза Рајс. Големиот одѕив, според американскиот претседател Џорџ Буш, е добрата вест од референдумот.

,,Во името на американскиот народ сакам да им честитам на ирачаните за успешното гласање за уставот. Одѕивот беше поголем од оној на јануарските избори, што е добра вест. Добра вест е и тоа што сунитите гласаа во поголем број од минатиот пат.”

Буш исто така изрази задоволство што гласањето минало во релативно мирна атмосфера. Со тоа референдумот, како што оцени, бил во целосна спротивност од однесувањето, филозофијата и стратегијата на терористичката организација Ал Каида и нејзините пријатели во светот.
XS
SM
MD
LG