Достапни линкови

Што навистина се случи?


На први септември минатата година, прв ден од новата учебна година, вооружени милитанти зедоа во заложништво илјада луѓе и деца во малото гратче Беслан во Северна Осетија. Кризата траеше три дена и заврши со загинување на над триста и триесет деца и возрасни. За крвопролевањето Москва ги обвини чеченските сператисти. Но, една година од трагедијата, многу прашања останаа отворени, особено за тоа што навистина се случи во Беслан.

Заложничката драма заврши на трети септември со борби меѓу милитантите и руските сили и со триста и триесет жртви, од кои сто осумдесет и шест деца. Трагедијата беше осудена во светот. /Германскиот канцелар Герхард Шредер ги нарече грабнувачите за бесовесни терористи кои се обидоа да постигнат политички цели со убивање невини луѓе. Чеченскиот сепаратистички лидер Аслан Масхадов ги осуди заложничката драма и радикалниот командант Шамил Басаев. Пред извесно време Масхадов кој изјави дека треба да му се суди на Басаев, беше убиен од руските сили. /Од друга страна, и една година од трагедијата, се уште има прашања што навистина се случи во Беслан. Кои беа грабнувачите? Колкумина беа? Зошто руските сили не можеа да спречат толкав голем број на жртви? Потпретседателот на парламентот на Северна Осетија Станислав Кесаев не се согласува со многу аспекти од наодите на официјална Москва за настанот.

„Ако навистина беа две жени меѓу грабнувачите како што велат истражните органи, тогаш зошто во близина на училиштето се најдени делови на тело на уште една жена. Што е најважно, имаме сведочења од жртвите кои велат дека имало најмалку пеесетина грабнувачи.“

Официјално биле триесет и двајца грабнувачи, од кои само еден е жив заробен. Станува збор за Нурпаши Кулаев, дваесет и четири годишен дрвар од Чеченија на кој му се суди во Северна Осетија. Многумина од сведоците не можат да го идентификуваат. Но, рускиот заменик јавен обвинител Николај Шепел тврди дека тој бил во училиштето во Беслан како грабнувач.

„Веруваме дека бил еден од командантите и оти, како преживеан, мора да плати за другите во согласност со законите на Руската Федерација.“

Неодамна, во интервју за американската телевизија Еј Би Си Басаев изјави дека стоел зад планот за киднапирањето во Беслан, но оти им наредил на грабнувачите, заедно со барањата за преговори до руските власти, да ги пуштат и сите деца под десет години. Веднаш по кризата, некои руски новинари и невладини организации го обвинија Кремљ за мамење на јавноста со тврдењата дека грабнувачите не сакале да преговараат. Во минатонеделното интервју пак, поранешниот претседател на Северна Осетија Александар Џасоков изјави дека руските сили му се заканиле дека ќе го уапсат доколку замине во училиштето на преговори со киднаперите. Руските власти и натаму тврдат дека немале намера да го нападнат училиштето, но оти биле принудени на тоа по експлозијата во фискултурната сала во која имало многу убиени заложници.

„Повеќето од тристоте луѓе загинале пред или за време на експлозиите детонирани од грабнувачите. Со други зборови, спасувачката операција нема ништо со тоа. Некои луѓе велат дека нашите специјалци пукале во децата. Тоа е безочна лага.“

Вели заменик обвинителот Шепел, додавајќи дека и претседателот Путин барал приоритет да има спасувањето на децата. Сепак, една година по трагедијата, во Беслан се уште постојат многу прашања и сомневања кои чекаат одговор. Особено на она на кое тивко се шепоти: Децата страдаа од терористите, но беа погребани од нашите сили.
XS
SM
MD
LG