Достапни линкови

Уверенијата заплеткани во бирократски лавиринти


Наместо да се радуваат што дипломирале, на студентите им е страв и да помислат кога ќе стигнат до уверението и низ кои процедури ќе треба да поминат. Една студентка која дипломираше на Правниот факултет пред повеќе од еден месец вели, досега бев студент, а сега немам никаков статус. Таа додава дека проблемот не е во чекањето. Може да се случи да ја изгуби можноста за вработување, само затоа што не го добила уверението дека го завршила факултетот.

,,Не смее да фали пријава, одиш кај професорите да ти се потпишат, ама тоа е патешествие, зашто многу често се отсутни. Деканот потоа треба да потпише.”

Продеканот на Правниот Факултет, Јадранка Дабовиќ, вели дека оваа појава е ретка. Според неа, студентите не чекаат повеќе од една недела.

,,Ако се изгубени некои од пријавите, вообичаено нема такви проблеми. Понекогаш се случува некоја пријава и го надминуваме тој проблем.”

Забелешките на студентите не се однесуваат само на долгите процедури.

,,Чекаш во 10 да влезеш да се отвори студентски, зашто госпоѓите работат само два часа.”

А продеканот одговара дека проблемите со студентски прашања ќе се решат догодина.

,,Со новиот кредит трансфер систем ќе се овозможи електронско пријавување испити. Инаку, ние имаме 4 илјади студенти, па нормално е понекогаш да има и нељубезен однос од вработените во студентски прашања.”

Оние кои дипломирале во јуни и се уште не го обезбедиле уверението, ќе почекаат до септември, кога ќе им завршат одморите на професорите. Во меѓувреме се надеваат дека работодавците ќе се покажат флексибилни кон нивните проблеми.
XS
SM
MD
LG