Достапни линкови

Албанскиот јазик факултативен во основните училишта


Албанскиот јазик ќе биде воведен како факултетивен, во основните училишта низ државава, во кои учат не Албанци, ова го најави министерот за образование Азис Положани. Според неговата изјава, објавена во некои албански новински агенции, владата е подготвена да го финансира изучувањето на албанскиот јазик во основните училишта, бидејќи тоа било во духот на Охридскиот договор. Министерот Положани, најавува дека овој проект на министерството, ќе почне да се применува наскоро, односно веднаш по реформите во образованието. Ваквата изјава на Положани, за „Слободна Европа“ ја потврди и шефот на неговиот кабинет Багру Туша. Во ресорното минисртерство, освен министерот Положани, никој друг не е запознаен со ваков проект. Неговиот заменик, Тале Герамитчиоски вели:

„Немаме такво нешто до сега разговарано или работено, не сум запознаен со таа информација. Не се работи на таков проект во министерството за образование“

Со слична реакција и од здружението на директори на основни училишта. Досега не сме слушнале за таквите намери на на Министерството за образование, вели претседателот на ова здружение Љупчо Косхаров:

„Немаме информации за тоа, не знам, такво нешто не сме разговарале, ниту на дебати, ниту на конференции, ниту на семинари,“

изјави Косхаров.

Предлогот не би требало да предизвика негативни реакции, зашто во спротивно тоа би било анахронизам, односно бегање од реалноста, уште сега се појавува голем интерес за изучување на албанскиот јазик во основните училишта, гласи изјавата на министерот Азис Положани, пренесена од една новинска интернет агенција на албански јазик.
XS
SM
MD
LG