Достапни линкови

„Дупки“ во законот што може да се користат од партиите


Македонија сеуште не ја озаконила сферата на финансирањето на политичките кампањи на партиите. Оваа правна празнина, според толкувањата на експертите, овозможува во предизборните кампањи, партиите да трошат повеќе од она што е предвидено со законот за избор на пратеници, по 15 денари од добиен глас. Оттаму, и веќе отворено се говори дека политичките субјекти во кампањите користат средства од црни фондови и анонимни донатори. Контрола на трошењето на парите за време на кампањите, за сега врши единствено државната анти-корупциска комисија. Според Слаѓана Тасева, судејќи според последните избори во 2002 година, од добиените извештаи од страна на партиите изгледа дека се е чисто и во рамки на законот. Но:

„Само по себе е индикативно затоа што беше повеќе од очигледно дека се трошат многу повеќе пари. Затоа е неопходно да се воспостави некаков механизам којшто ќе овозможи квалитетно следење на трошењето на парите. Сега сеуште не можеме да очекуваме да знаеме какви пари ќе ни влезат во политичките кампањи. Пак ќе имаме црни пари или донации од непознати извори.“

Либерал – демократот Зоран Шапуриќ е еден од иницијаторите за носење на законот за финансирање на партиите, смета дека Македонија треба да воведе систем на авансно финансирање:

„Со што ќе може да се овозможи и порамноправно учество на сите политички субјекти. Во таа смисла е и нашиот закон којшто нуди финансирање на политичките партии не само во кампањи, туку и тековно финансирање и оттаму мислам дека може, ако се направат овие измени, финансирањето да биде многу потранспарентно.“

Социјал – демократите тврдат дека кај нив нема изигрување на законските лимити. Според Борис Кондарко тоа го покажала и контролата по последните парламентарни избори:

„Ќе водиме скромна кампања, апсолутно ќе биде штедливо и што е најбитно транспарентно, не само во однос на исполнување на законските услови, туку ќе дадеме и јавен отчет пред граѓаните.“

И во ВМРО-ДПМНЕ вели Влатко Ѓорчев ќе ги почитуваат правилата на фер-плеј:

„ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ќе го почитува законот, значи она што е напишано ќе се следи, и после тоа и јавноста и надлежаните органи ќе може да ги проверат оние работи коишто ќе ги имаме како извори на финансирањето во кампањата, но и потрошените средства.“

Анти-корупциската комисија ќе ја следи кампањата и ќе реагира, доколку се утврди дека партиите трошат повеќе од дозволеното.
XS
SM
MD
LG