Достапни линкови

Петти самит на Организацијата на американските држави


Во Монтереј, Мексико започна петтиот самит на Организацијата на американските држави. Претседателите и премиерите на триесет и четири земји треба да усвојат декларација за зацврстување на соработката во борбата против сиромаштијата, корупцијата и меѓународниот тероризам, а се со цел воспоставување слободна американска трговска зона.

Планирано е финалната декларација од самитот да има шеесетина точки. Меѓутоа, како што јавуваат агенциите, повикувајќи се на извори од делегациите на состанокот, засега постојат големи несогласувања околу некои параграфи, особено околу оние што се однесуваат на идната зона на слободна трговија, финасирањето на развојот и односот на Соединетите Држави и на другите латиноамерикански земји спрема Куба, единствена држава од американскиот континет која не учествува на самитот, бидејќи е исклучена од Организацијата во илјада деветстотини шеесет и втората година. Говорејќи на отворањето на состанокот во Монтереј, американскиот претседател Џорџ Буш се заложи за завршување на, како што рече, комунистичкото диктаторство во Куба и на брзо враќање на демократијата во таа земја.

„И преку нашиот демократски пример, ние мораме да продолжиме да бидеме со храбриот народ на Куба кој скоро половина век трпи тиранија и репресија. Дикаторството нема места во Америка.“

Во своето обраќање Буш исто така побара одбрана на демократијата и во Венецуела, Хаити и Боливија. Тој ја обелодени и прокламацијата за забрана за влегување во Соединетите Држави на луѓето кои биле инволвирани во корупција во нивните земји. Тоа, како што е соопштено, ќе придонесе за промоција на безбедноста и за зацврстување на демократските институции и на слободната трговија на американскиот континент. Инаку, самитот, според оценките на аналитичарите, придонесол за зближување на Џорџ Буш со мексиканскиот претседател Висенте Фокс, по повеќемесечната криза во односите меѓу двете земји поради одбивањето на Мексико да ја поддржи војната во Ирак. Што се однесува до Ирак, Буш во Монтереј беше принуден да ја брани неговата одлука за соборување на Садам Хусеин со воена интервенција. Имено, тој ги отфрли обвинувањата на поранешниот член на неговиот кабинет Пол О Нил дека за превентивниот напад врз Ирак соодветно не се дебатирало во Белата Куќа. Како што е познато, О Нил во својата книга наведува дека Буш планирал да го отстрани режимот на Хусеин и пред терористичките напади врз Америка на единаесетти септември две илјади и првата година.

„Одредената политика на мојата администрација спрема Садам Хусеин беше многу јасна. Како и предходната администрација, ние бевме за сменување на режимот.“

Изјави Буш. Политиката за смена на ирачкиот режим беше формулирана во илјада деветстотини деведест и осмата година од поранешниот претседател Бил Клинтон.
XS
SM
MD
LG