Достапни линкови

Љупчо Јордановски, претседател на Собранието на Македонија. Наредната година акцент на економската и социјалната сфера


Изминатава недела бевме сведоци на маратонскат собраниска расправа во врска со Законот за основање нов државен универзитет, односно закон со кој се предвидува легализирање на Тетовскиот универзитет. Можеше ли да се избегне сето тоа?

Тоа можеше да се избегне, но тоа зависеше од опозицијата. Тие го користеа деловничкото право, со долги говори и со често јавување да ја направат седницата онака како што беше, да заседаваме деноноќно. Јас сепак, поради причините што ги објаснив кога ја прекинав седницата, ја прекинав седницата затоа што ну престои важна седница, со важни закони, па сакав на парламентарците да им дадам можност во комисиите да ги погледнат законите коишто на 26-ти на седницата ќе дојдат на дневен ред, како што е буџетот, законите за децентрализација итн.

Од опозицијата тврдат дека оваа точка ќе биде префрлена на нова собраниска седница за да се ограничи времето за дискусија. Ќе се случи ли тоа?

Јас не сум предлагач на законот, тоа зависи од предлагачот на законот. Предлагачот на законот може да го повлече законот и повторно да го предложи кога ќе одлучи. А, членот од деловникот каде штоп може дискусиите да се ограничат, тоа го предлагаат пратеничките групи, еден пратеник со поддршка од десет пратеници. Во нашиот деловник, пред секоја точка, значи не за целата седница, може еден пратеник со поддршка од десет пратеници да побара да се ограничи дискусијата на десет минути и по еднаш да може секој пратеник да зборува, одвен координаторот кој ќе има право да зборува 15 минути. Што значи, дека ако овој закон за основање државен универзитет повторно дојде, тогаш може да се примени ова деловничко правило, сега како што е не може, бидејќи расправата веќе започна, а пред расправата не се побара тоа.

Деловникот предвидува можност за ограничување на зборувањето на пратениците, а од опозицијата велат дека тоа ќе биде ограничување на демократијата?

Па, демократијата за мене пред се претставува почитување на некои правила, ред, по коишто треба да се работи. Деловникот го изгласа претходниот пратенички состав, што значи дека претходниот пратенички состав можел и ова ограничување да не го изгласа, ако е тоа деловничко правило и ако опозицијата го користи исто така, деловничкото правило да се јавува по десет пати, по повеќе пати, што јас како претседател не им го ограничив, дури доста внимателно ги слушав во тие 40 часа, не можам да прифатам дека ако нешто важи за едните, да не важи за другите. Примената на деловникот за некој да важи, а за некој друг да не важи.

При преземање на функцијата претседател на Собранието, најавивте измени на деловникот. На што би се однесувале?

Па, овие седум дена маратноски седници веќе ни кажуваат во која насока треба да се поработи во измените. Има многу формално – технички недоследности, но главно е во насока на рационалноста и ефикасноста. И да им се овозможи на сите пратеници и пратенички групи да го кажат својот став во едена доволна, да кажеме, временска рамка, но и исто така да може работите да се завршат.

Кога може да се очекуваат измените на деловникот?

Не планирам да ги покренам сега, додека не се завршат сите овие закони во една помирна ситуација. Затоа што не сакам да се сфати дека тоа се прави, бидејќи јас сум избран како претседател од редовите на позицијата, значи на коалицијата којашто е сега на власт, не сакам тоа да се сфати дека тоа го правиме за да ја ограничиме или замолчиме опозицијата.

Како обврска од рамковниот договор остана пакетот закони за децентрализација. Кога може да се очекува оваа обврска да биде исполнета?

Па, тие се ставени сега на 26-ти декември, кога ќе започне новата седница како точки на дневен ред. Но, тоа е како што велат, прво читање или прва фаза. Потоа, се надевам дека тие точки ќе поминат до средина на јануари, потоа има еден месец јавна расправа и на нова седница ќе биде конечно донесување на тие закони. Се надевам дека комплетирање и донесување сите закони ќе треба да се заврши до крајот на февруари. Јас сум убеден дека откако ќе го затвориме рамковниот договор со децентрализацијата, дека работите и во економската и социјалната сфера ќе тргнат на подобро. И мислам дека 2004 година ќе биде година на економско закрепнување.

Партиите од албанскиот блок, веќе една година откако се применува новиот деловник, бараат собраниските комисии да се водат на албански јазик. Како ќе се надмине блокадата на работата на комисиите со кои претседаваат Албанци пратеници?

Двајца пратеници од ДПА веќе поднесоа барање за изменување и дополнување на деловникот во таа насока. Тие имаат и проширување на барањето сите материјали што ги добиваат да бидат на албански јазик. Јас тоа го ставив исто така на следната седница. Бидејќи деловнички морам така да го направам. Меѓутоа, мојот став е дека ние тој проблем го разрешивме. Има толкување од комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања и како што по однос на законите автентично толкување дава законодавно правната комисија, така по однос на деловникот надлежна е комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања, тука мнозинството се сложи, но очигледно е дека не се задоволни пратениците од ДПА. Јас не знам каков ќе биде резултатот по повод нивната точка, но ако тоа се одбие и се потврди веќе донесената одлука, тогаш ние ќе мораме да ја деблокираме работата.

На крајот на годинава и покрај тоа што краток период сте прв човек на парламентот, што би кажале за работата на законодавниот дом?

Она што значи работа и одработување и работа на задолженијата на парламентот и она што вие на крај го спомнавте што се случи на пленарните седници. Јас сум задоволен од она што овој парламент го има сработено во изминатите година дена, иако има еден месец како сум претседател на парламентот. Како член на парламентот и претседател на комисијата за избори и именувања, јас сум задоволен од работата. Ние донесовме доста закони, пред некој ден баш ги броев, некаде се над 100. Некои се суштински во социјална, во економска област, но најголем дел од нив беа прилагодување на законите што произлегуваат од уставните амандамани.

Како би ги оцениле последните случувања во парламентот?

Последниве две седници ги разбудија малку страстите, но и тоа е дел од парламентарниот живот и мислам дека политичката борба помеѓу позицијата и опозицијата ќе продолжи и тоа не го гледам како ништо трагично. Само барам да бидеме поколегијални, попристојни и покултурни кога се однесуваме и зборуваме.

Има ли начин да се надминат вакви случувања во собранието?

Тоа зависи од поединци. Јас не можам да проценам кога некој ќе стане што ќе каже. Кога тој веќе ќе каже нешто непристојно, јас го опоменувам, по второ опоменување јас го одземам зборот. Но, вие имате пратеници кога ќе им го одземете зборот седат и понатаму дискутираат, од сите пратенички групи тука не правам разлика. Значи, тоа е разлика на елементарна култура и воспитание на самиот пратеник, неговото сваќање на личниот дигнитет и на парламентот. Но, тоа не се случува само во нашиот парламент. Тоа е присутно и во други земји и ние ќе мора да се навикнувам на такви долги седници. Јас само апелирам тоа да биде во рамки на некоја пристојност.
XS
SM
MD
LG