Достапни линкови

Престижната награда за иранската адвокатка Ширин Ебади


Во образложението на Норвешкиот Нобелов комитет се наведува дека иранската адвокатка Ширин Ебади ја доби годинашната награда за мир за нејзината работа во одбраната на човековите права и во промовирањето на демократијата.

„Како адвокат, судија, професор, писател и активист, таа зборува јасно и силно во Иран и подалеку од границите на нејзината земја. Таа е храбра личност која никогаш не се грижела поради заканите врз нејзината безбедност“

се вели во соопштението што денеска во Осло го прочита шефот на Норвешкиот нобелов комитет Оле Данболд Мјоес. Пеесет и шест годишната Ебади дипломира правни науки на Универзитетот во Техеран и е првата жена судија во Иран. Таа по Исламската револуција во земјата беше принудена да се повлече поради тоа што својата работа ја фокусира врз правата на жените и децата. Во првата изјава по добивањето на наградата Ебади, говорејќи за норвешката телевизија од Париз, изјави дека тоа е многу добро за човековите, посебно детските права во Иран и за демократијата во таа земја. Ширин Ебади годинашната Нобелова награда за мир ја доби меѓу сто шеесет и пет кандидати, меѓу кои како најсериозни се вбројуваа: Папата Јован Павле Втори, поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел и бразилскиот претседател Луиз Инансио Лула да Силва. Нобеловата награда за мир која е во вредност од милион и триста илјади долари на Ширин Ебади ќе и биде врачена на десети декември оваа година во Осло. Ебади е единаесетта жена што ја понесува Нобеловата награда за мир од нејзиното востановување во 1901- вата година.
XS
SM
MD
LG