Достапни линкови

Доста Димовска поднесе оставка


Поради непримерната кампања што од еден центар на политичка моќ се водеше во изминатите месеци врз мене како политичар и Директор на агенцијата за разузнавање, со единствена цел моја политичка дискредитација и елиминација, која како што сметам ќе продолжи и во наредниот период, ценам оти е неопходно моето повлекување од функцијата.

Ова меѓу другото се вели во писмото до претседателот Борис Трајковски во кое Доста Димовска ги образложува причините за оставката на функцијата.

Уверена сум дека моето повлекување од функцијата ќе помогне да се деблокира редовната комуникација меѓу претседателот и владата и оти мојата оставка ќе придонесе за стабилноста на институциите и за стабилноста на државата што според мене е приоритетна задача. Димовска додава дека со повлекувањето од функцијата ќе се создадат услови за функционирање на агенцијата без притисоци врз раководствата и вработените и оти ќе се отстранат изолацијата и отсуството на поддршката од владините институции.

Во писмото, Димовска уште му пишува на Трајковски дека го цени неговиот напор тргнувајќи од државните интереси да го „оневозможи инструментализирањето на агенцијата за политички цели и да го спречи обидот целиот безбедносен систем да се стави под контрола на еден центар на политичка моќ.“

Од кабинетот на претседателот Трајковски пак, оставката на Димовска за сега не ја коментираат со објаснување, дека за сега, таа се разгледува. Инаку, во обраќањето на претседателот во кое тој неодамна ја образложи одлуката за помилување на Димовска во врска со аферата прислушување Трајковски рече оти тоа е направено со цел да се спречат обидите агенцијата да биде ставена под контрола на еден центар на политичка моќ.
XS
SM
MD
LG