Достапни линкови

Вести

Љубљана: Утре референдум за влез во ЕУ

Во Словенија е во тек предизборен молк пред утрешниот референдум на кој граѓаните ќе се изјаснуваат за влегувањето на земјата во Европската Унија и НАТО. Според синоќа објавените анкети, словенците повеќе сакаат да влезат во Унијата отколку во Алијансата.

види ги сите денешни вести

Средба Мицкоски-Касаноф: Европската перспектива е клучен приоритет

Средба Мицкоски-Касаноф, 21 јануари 2025
Средба Мицкоски-Касаноф, 21 јануари 2025

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (21 јануари) се сретнал со помошник државниот секретар на САД за западен Балкан, Александар Касаноф.

Мицкоски вчера (20 јануари) присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, што се оддржаа во Вашингтон.

„Во рамки на разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочува нашата држава и регионот. Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината“, наведува Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

Премиерот вчера остварил средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследиле поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, остварил средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.

„Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е се посилен“, истакна Мицкоски за средбата.

Касаноф и Мицкоски претходно се сретнаа во Скопје на 5 декември минатата година.

Тогаш Касаноф истакна дека иднината на Северна Македонија е светла и САД ќе продолжат со поддршката за исполнување на основните цели како просперитетна демократија, целосно интегрирана во ЕУ.

Тоа беше прва посета на Касаноф во Скопје, кој на оваа позиција дојде во јули 2024 на местото на Ескобар, чиј мандат на оваа функција истече во мај минатата година.

Рубио: САД ќе работат на ставање крај на војната во Украина

Новиот американски државен секретар Марко Рубио положи заклетва пред американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, 21 јануари 2025 година
Новиот американски државен секретар Марко Рубио положи заклетва пред американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, 21 јануари 2025 година

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска (21 јануари) рече дека завршувањето на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД под претседателот Доналд Трамп, како дел од целта на новата администрација да промовира мир.

Поранешниот сенатор, познат по својот цврст став кон Кина и поддршката за Израел, е првиот од кандидатите за функција во кабинетот на Трамп кој положи заклетва, бидејќи Сенатот едногласно ја потврди неговата номинација во понеделникот вечерта.

За време на сослушувањето минатата недела, новиот американски државен секретар рече дека и Москва и Киев ќе мора да направат отстапки за да ја прекинат војната и сугерираше дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во изминатата деценија.

Рубио ги повтори тие коментари на телевизијата NBC денеска, пред церемонијата на положување заклетва.

„Официјалната политика на Соединетите Држави ќе биде дека војната мора да заврши и ние ќе направиме се што е можно за да го постигнеме тоа“, рече тој.

Поранешниот претседател Џо Бајден, кој испрати оружје во вредност од милијарди долари во Украина откако Русија започна инвазија на земјата во февруари 2022 година, инсистираше на тоа дека Украина треба да одлучи дали и кога да влезе во мировни преговори со Русија.

Трамп за време на изборната кампања рече дека брзо ќе ја заврши војната, без да каже како ќе го направи тоа.

Рубио рече дека ќе биде „комплицирано... бидејќи секоја страна ќе мора да даде нешто“.

„Единствениот начин на кој овие конфликти завршуваат е ... не во јавни изјави“, рече Рубио.

„Тие завршуваат со цврстата, енергична дипломатија што САД се обидуваат да ја спроведат, надевајќи се дека ќе го завршат овој конфликт на одржлив начин што ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нашите партнери во регионот и што ги запира убиствата и умирањето и уништувањето што го гледаме веќе подолго време“, рече Рубио.

Тој беше долгогодишен член на Сенатскиот одбор за надворешни работи и разузнавање. Овој син на кубански имигранти, исто така, се залагаше за строги мерки против островската држава со која владеат комунистите и нивните сојузници, особено владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп „унапредувајќи го националниот интерес на оваа земја“.

Тој додаде дека друга надворешнополитичка цел под Трамп ќе биде „промоција на мирот“.

Извор: Ројтерс

Си и Путин разговарале за Трамп, Украина и Тајван

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, на состанок за време на самитот на БРИКС, Казан, 22 октомври 2024 година.
Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, на состанок за време на самитот на БРИКС, Казан, 22 октомври 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (21 јануари) разговараа за тоа како да се изградат врски со американскиот претседател Доналд Трамп, изгледите за мировен договор за ставање крај на војната во Украина и силната поддршка на Москва за ставот на Пекинг кон Тајван.

Си и Путин, кои разговараа еден час и 35 минути преку видео-врска еден ден откако Трамп положи заклетва, ветија дополнително продлабочување на стратешкото партнерство на нивните земји, што го загрижува Западот.

Кина и Русија прогласија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина. Во последните месеци Путин зборуваше за Кина како „сојузник“.

Рускиот претседател, зборувајќи од неговата резиденција Ново-Огарево надвор од Москва, и Си, зборувајќи од Големата сала на народот во Пекинг, меѓусебно се нарекоа „драг пријател“, а Си го информираше Путин за минатонеделниот разговор со Трамп за ТикТок, трговијата и за Тајван.

Си и Путин „укажаа на нивната подготвеност да градат односи со САД на заемна корисна основа со взаемно почитување, доколку тимот на Трамп навистина покаже интерес за тоа“, изјави за новинарите во Москва, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.

„Од наша страна беше констатирано и дека сме подготвени за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт“, додаде тој.

Ушаков рече дека Путин сака долгорочен мир во Украина, а не краткорочен прекин на огнот, но дека секој договор мора да ги земе предвид интересите на Русија. Тој додаде дека нема конкретни предлози за разговор со Трамп.

Трамп, пак, рече дека ќе биде строг кон Кина и ќе разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина. Во изјавата за новинарите по инаугурацијата, тој рече дека Путин треба да направи договор за ставање крај на војната бидејќи конфликтот ја уништува Русија.

Си претходно повика на разговори за ставање крај на војната во Украина и ги обвини САД дека ја поттикнуваат војната со снабдување со оружје за Киев, кој вели дека е подготвен да бара решение преку преговори, почитувајќи ги своите интереси.

Трамп го опиша Си како „добар играч на покер“ и рече дека „одлично“ се согласува со Путин, но дека за време на неговиот прв мандат го предупредил рускиот лидер дека САД би можеле да ја нападнат Москва ако Москва оди понатаму во Украина.

Путин и Си споделуваат сличен светоглед, кој го прикажува Западот како декадентен и во опаѓање, додека Кина се обидува да ја оспори надмоќта на САД во многу области.

„Заеднички сме посветени на градење поправеден мултиполарен светски поредок и работиме во интерес на обезбедување неделива безбедност во евроазискиот простор и светот во целина“, рече Путин.

Ушаков рече дека видеоповикот меѓу Путин и Си бил планиран пред инаугурацијата на Трамп.

САД ја сметаат Кина за свој најголем конкурент, а Русија е најголемата закана од која било земја.

Во однос на Тајван, Ушаков рече дека Русија ја „потврди својата непоколеблива позиција за поддршка на принципот една Кина“.

Кина го смета Тајван, остров со демократска влада, за своја територија и Си во новогодишниот говор рече дека никој не може да го спречи „повторното обединување“ на Кина со Тајван.

Владата на Тајван ги отфрла тврдењата на Пекинг. Таа наведува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина и дека Пекинг треба да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Извор: Ројтерс

Зеленски повикува на заедничка европска одбранбена политика

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на економскиот форум во Давос, 21 јануари 2025 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на економскиот форум во Давос, 21 јануари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (21 јануари) изјави дека Европа треба да развие заедничка одбранбена политика и да биде подготвена да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја гарантира сопствената безбедност од нови закани.

Тој на Светскиот економски форум во Давос рече дека Европа треба да биде подготвена да застане на свои нозе и мора да работи за да остане релевантна како „силен глобален“ играч, еден ден по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп , кој бара од земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана.

Зеленски посочи дека Европа има помало влијание врз Вашингтон бидејќи САД веруваат дека нивните сојузници не придонесуваат доволно за безбедноста.

„Дали некој во САД се грижи дека еден ден Европа може да ги напушти - дека може да престане да биде нивен сојузник? Одговорот е не“, рече Зеленски.

Тој додаде дека Европејците треба да смислат обединета безбедносна и одбранбена политика и алудираше на изјавата на Трамп пред инаугурацијата кога тој предложи големо зголемување на трошоците за одбрана на НАТО до пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).

„Ако за одбрана се потребни пет проценти од БДП, нека биде пет проценти. И нема потреба да се игра со емоциите на луѓето дека одбраната треба да се компензира на сметка на лекови или пензии - тоа не е фер“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател го посочи распоредувањето на севернокорејските трупи во западна Русија како илустрација за, како што рече, зголемена закана за европската безбедност.

„Европските лидери треба да го запомнат ова – битките во кои учествуваат севернокорејски војници сега се одвиваат на места кои се географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“, рече тој.

Тој укажа и на неодамнешниот пакт меѓу Русија и Иран за зајакнување на нивната економска и воена соработка, наведувајќи дека договорот е пример за промена што претставува закана за Европа.

„Против кого прават такви зделки? Против вас, против сите нас“, рече украинскиот претседател.

Изјавата на Трамп за време на кампањата дека брзо ќе ја заврши војната во Украина ги поттикна шпекулациите во Киев и Европа за потребата од безбедносни гаранции за да се спречи иден руски напад, со идеја за контингент на мировници.

Зеленски рече дека ќе биде потребен контингент од најмалку 200.000 европски мировници како дел од решението за ставање крај на војната со Русија.

„Од сите Европејци? 200.000, тоа е минимумот. Тоа е минимумот, инаку не е ништо“, рече Зеленски на прашањето за идејата за мировна мисија на панелот по говорот.

Тој рече дека Украина нема да ги прифати руските барања за драстично намалување на големината на нејзината војска, предвидувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе бара Украина да ги намали своите вооружени сили на една петтина од нејзината големина.

„Тоа е она што тој го сака. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Зеленски.

На панелот по говорот, Зеленски рече дека Украина работи на организирање средба со Трамп.

„Тимовите работеа на средба, моментално се во процес“, рече Зеленски за напорите да се договори средба со Трамп.

Извори: АФП и Ројтерс

Шолц вети дека ќе ја брани слободната трговија откако Трамп се закани со царини

Германскиот канцелар Олаф Шолц на Светскиот економски форум во Давос, 21 јануари 2025 година.
Германскиот канцелар Олаф Шолц на Светскиот економски форум во Давос, 21 јануари 2025 година.

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (21 јануари) ја бранеше слободната трговија како основа на просперитетот, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини и даноци за трговските партнери.

На Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Шолц рече дека „изолацијата е штетна за просперитетот“.

„Заедно со другите партнери ќе ја браниме слободната трговија како основа на нашиот просперитет“, рече тој, додавајќи дека „Европа е посветена на слободна, фер светска трговија“.

Лидерот на најголемата европска економија, каде изборите се одржуваат на 23 февруари, истакна дека врските меѓу ЕУ и САД мора да останат силни, но исто така рече дека ќе бидат потребни „ладни глави“.

Во своето инаугуративно обраќање, Трамп вети дека ќе воведе царини за производи од други земји, а подоцна рече дека може да воведе царини од 25 отсто за Канада и Мексико веќе од 1 февруари.

Во серија извршни наредби на неговиот прв ден на функцијата, Трамп, исто така, најави повлекување на САД од Парискиот климатски договор, прогласи национална вонредна состојба на мексиканската граница и рече дека Мексиканскиот Залив ќе биде преименуван во „Американскиот Залив“.

„Претседателот Трамп вели „Америка на прво место“ и тој го мисли тоа“, рече Шолц. „Нема ништо лошо во тоа да ги имате на ум интересите на вашата земја.

Едноставно, соработката и разбирањето со другите обично е во ваш интерес“, додаде Шолц.

Германскиот канцелар рече дека САД се најблискиот сојузник на Германија надвор од Европа и дека Берлин ќе се обиде така и да остане.

Шолц рече вели дека силните трансатлантски врски се „од суштинско значење за мирот и безбедноста ширум светот“ и „двигател на успешен економски развој“.

Но, тој исто така рече дека „ние Европејците мора да бидеме силни сами по себе. Мораме да станеме уште поотпорни и поконкурентни, и го имаме она што е потребно“.

„Како заедница од повеќе од 450 милиони Европејци, имаме економска тежина... Германија е трета по големина економија во светот“, рече Шолц.

Лидерот на германската десничарска опозиција, Фридрих Мерц, кој се очекува да биде нов канцелар по собранието, исто така денеска изјави дека итно е потребна координација меѓу европските земји по инаугурацијата на Трамп.

„Европејците сега треба брзо да седнат заедно и да разговараат за две главни прашања. Прво: Што правиме за нашата сопствена безбедност? Ова е одамна задоцнето. Тоа е неопходно со години. И второ: Како можеме да ја зајакнеме нашата позиција во трговијата со Америка?“, рече Мерц.

Шолц го критикува Маск

Додека се обидуваше да допре до Трамп, Шолц го осуди ставот на сојузникот на претседателот, милијардерот Илон Маск, кој силно ја поддржа екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија.

Шолц ја критикуваше поддршката на Маск за „екстремно десничарските позиции“, еден ден откако технолошкиот магнат предизвика критики со гест што некои го споредија со нацистички поздрав.

„Имаме слобода на говор во Европа и во Германија“, рече Шолц на прашањето за шефот на Network X, SpaceX и Tesla, кој го направи контроверзниот гест на настанот на инаугурацијата на Трамп.

„Секој може да каже што сака, дури и ако е милијардер. Она што не го прифаќаме е ако тоа е поддршка на екстремно десничарски позиции“, рече Шолц.

Маск, кој претходно го навредуваше Шолц на мрежата Х, веднаш одговори со нова навреда на сметка на германскиот канцелар кој го повика.

Извори: АФП, ДПА, Ројтерс

Судот во Стразбур ја одби жалбата за поништувањето на изборите во Романија

Калин Георгеску, 8 декември 2024 година
Калин Георгеску, 8 декември 2024 година

Врховниот европски суд за човекови права денеска (21 јануари) ја отфрли жалбата на кандидатот на екстремната десница Калин Георгеску против одлуката на уставниот суд на Романија поради наводите за руско мешање да го поништи гласањето на претседателските избори во 2024 година, откако тој победи во првиот круг.

Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур објави дека го отфрлил барањето на Георгеску за итна одлука затоа што е „надвор од опсегот“ на способноста на судот да донесе таква мерка за да ја поништи одлуката за поништување на изборниот процес.

Претходно малку познатиот Георгеску стана познат преку ноќ на ТикТок, поради што Европската унија започна истрага за оваа социјална мрежа.

Тој го критикуваше поништувањето на гласањето како „формализиран државен удар“.

Побара од Европскиот суд за човекови права да донесе таканаречена привремена мерка, итна одлука што судот ја донесува само во исклучителни случаи, кога подносителите на претставката инаку би се соочиле со ризик од непоправлива штета.

„Барањето на господинот Георгеску не се однесува на непосреден ризик од непоправлива штета“, се наведува во образложението на одлуката од судот.

Романската влада нареди одржување на нови претседателски избори. Првиот круг треба да биде на 4 мај, а вториот на 18 мај доколку ниту еден кандидат во првиот круг не освои повеќе од 50 отсто од гласовите.

Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори откако во разузнавачките документи, декласифицирани од претседателската канцеларија, беа наведени „агресивни руски хибридни операции“, вклучително и сајбер напади.

Документите, исто така, ја прикажуваат масовната промоција на Георгеску на социјалните мрежи пред гласањето.

Георгеску, кој претходно изразуваше восхит од рускиот претседател Владимир Путин и го критикуваше НАТО, неодамна се прогласи за „ултра“ поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп и негираше врски со Москва.

Извор: АФП

Донесен Законот за заштита на децата, прифатени два амандмани

Илустрација - Седница во Собрание на Република Северна Македонија
Илустрација - Седница во Собрание на Република Северна Македонија

Со 65 гласа „за“ и 17 „против“ Собранието попладнево (21 јануари) го донесе Законот за заштита на децата, откако претходно претседателката Гордана Сиљановска Давкова не го потпиша указот за прогласување на Законот. Со Бадинтер гласаа 12 пратеници гласаа „за“ и шест „против“.

За овој Закон беа поднесени вкупно шест амандмани, од кои четири кои беа поднесени од СДСМ и Левица беа отфрлени, додека два поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ беа прифатени.

По донесувањето на Законот за заштита на децата, претседателката Сиљановска Давкова ќе биде должна да го потпише Указот.

Во образложението на претседателката се наведуваше дека изгласаните измени на Законот содржат повеќе спорни одредби. Таа наведе дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што побара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.

Со овие два члена во законот се предвидува покрај македонскиот, во лиценците да стои и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните.

Во образложението, беше додадено дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.

Претседателката укажуваше и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.

Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, законските измени се вратија во Собранието.

Претседателката во изјава дадена на Божиќ рече дека ниту имала намера, ниту ќе употреби вето за да навреди некој јазик.

Активисти на Гринпис протестираа на форумот во Давос

Активистите на меѓународната еколошка организација Гринпис организираа краток протест против климатските промени денеска (21 јануари) пред главната сала на Светскиот економски форум во Давос, каде се собраа деловните и политичките лидери.

Тројца демонстранти влегоа во Конгресниот центар и излегоа на балконот од фоајето пред да развијат голем транспарент на кој пишуваше: „Оданочете ги супер богатите. Финансирајте праведна и зелена иднина“.

Обезбедувањето интервенираше и ги извади демонстрантите, непосредно пред официјалното отворање и говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Извор запознаен со ситуацијата рече дека протестот не претставувал безбедносна закана и дека активистите имале значки за настанот, бидејќи работеле за еден од организаторите.

Активистката на Гринпис, Клара Томпсон подоцна изјави за Ројтерс дека тројцата демонстранти биле ослободени откако биле приведени во полициска станица во Давос по протестот.

„Тие имаа свои начини и средства, не можам да кажам повеќе“, одговори Томпсон на прашањето за тоа како влегле во настанот.

Светскиот економски форум во соопштението наведе дека „го почитува правото на мирно изразување“, додавајќи дека го разгледува ова прашање и става „највисок приоритет на обезбедувањето на безбедноста и благосостојбата на сите учесници и персоналот“.

За време на форумот во Давос, каде една од главните теми за разговор оваа недела е „заштита на планетата“, има строги безбедносни мерки.

Демонстрантите кои протестираа против субвенциите за фосилни горива во понеделникот (21 јануари) испрскаа зелена боја пред продавницата каде што Амазон постави привремена база на главната улица.

Извор: Ројтерс

Деца биле држени во тајни затвори, откри истрага во Бангладеш

Сменетата премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, 11 јануари 2024 година.
Сменетата премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, 11 јануари 2024 година.

Неколку деца биле држени во тајни притворни центри во Бангладеш заедно со стотици луѓе, откри денеска (21 јануари) комисијата што ги истражува присилните исчезнувања за време на мандатот на соборената премиерка Шеик Хасина.

Најмалку шест деца биле држени во тајни затвори со нивните мајки со месеци, се вели во прелиминарниот извештај на Анкетната комисија за присилни исчезнувања, додавајќи дека бебињата биле користени дури и како средство при испрашувањата, а ова вклучувало и ускратување на мајчиното млекото за нив.

Властите во Бангладеш издадоа налог за апсење за Хасина (77), која е под обвинение за злосторства против човештвото, и која побегна во Индија во август 2024 година, откако беше соборена од револуција предводена од студенти.

Владата на Хаина е обвинета за широко распространето кршење на човековите права, вклучително и вонсудски убиства на стотици политички противници, како и за незаконски киднапирања и исчезнувања на стотици луѓе.

Комисијата соопшти дека детално опишала „повеќе проверени случаи во кои жените исчезнале со своите деца“, вклучително и во 2023 година.

Истакнат е случајот кога бремена жена, држена со нејзините две мали деца, била претепана во притворскиот центар.

„Тоа не беше изолиран случај“, се вели во извештајот.

Комисијата вели дека жена сведок им ја покажала на истражителите просторијата во која таа била заробена како дете со нејзината мајка, а со која управувал паравоениот Баталјон за брза акција (РАБ).

„Нејзината мајка никогаш не се вратила“, се вели во извештајот.

Во друг инцидент, пар и нивното бебе биле приведени, а детето било лишено од мајчиното млеко „како форма на психолошка тортура“ за да се изврши притисок врз таткото.

Владата на Хасина негираше дека спровела насилни исчезнувања, тврдејќи дека некои луѓе кои се пријавени како исчезнати се удавиле во Средоземното Море додека се обидувале да стигнат до Европа.

Комисијата наведува дека околу 200 жители на Бангладеш кои беа киднапирани од безбедносните сили се уште се водат како исчезнати.

Членот на Комисијата, Сазад Хосеин, рече дека сведочењата на жртвите, иако некои од нив не можат точно да утврдат кој ги мачел, ќе се користат за идентификување на силите кои се вклучени во кршењето на човековите права.

„Во такви случаи, ќе препорачаме командантот да биде повикан на одговорност“, рече Хосен.

Извор: АФП

Шестмина убиени во израелска операција на Западниот брег, според палестинските власти

ISRAEL-PALESTINIANS/WEST BANK-VIOLENCE
ISRAEL-PALESTINIANS/WEST BANK-VIOLENCE

Израел денеска (21 јануари) започна голема воена операција во окупираниот град Џенин на Западниот Брег, по што палестинското Министерство за здравство соопшти дека најмалку шест лица се убиени, а 35 се ранети.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел започнал „значајна и широка воена операција“ против палестинските милитанти во Џенин.

Во градот, израелските сили неодамна извршија неколку упади за време на кои имаше борба со палестинските милитанти, дури и пред Хамас - кој се смета за терористичка организација од САД и ЕУ - да започне напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, со што започна војната во Појасот Газа.

Операцијата на Западниот Брег ја започна израелската војска на третиот ден од кревкиот шестнеделен прекин на огнот со Хамас во Појасот Газа, во кој се очекува ослободување на 33 заложници кои ги држат милитантите во замена за стотици Палестинци затворени од Израел.

Акцијата во Џенин беше спроведена со поддршка од хеликоптери, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги укинува санкциите против насилните израелски доселеници кои ги нападнаа палестинските села.

Нетанјаху го најави упадот во Џенин како нова офанзива против милитантните групи поддржани од Иран.

„Дејствуваме систематски и решително против иранската оска каде и да ги испружи рацете - во Газа, Либан, Сирија, Јемен и Јудеја и Самарија“, рече Нетанјаху. Јудеја и Самарија се термините што Израел ги користи за окупираниот Западен Брег.

Израел ги освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците бараат независна држава која ќе ги вклучи сите три територии.

Израелската армија објави дека војниците, полицијата и разузнавачките служби започнале антитерористичка операција во Џенин. Тоа следи по повеќенеделната операција на палестинските безбедносни сили за повторно воспоставување контрола врз соседниот бегалски камп, главен центар за вооружените милитантни групи, вклучувајќи ги Хамас и Исламскиот џихад.

Како што започна израелската операција, палестинските сили се повлекоа од бегалскиот камп, а силните пукотници можеа да се слушнат на снимките од мобилните телефони споделени на социјалните мрежи.

Израелскиот министер за финансии oд тврдата десница, Безалел Смотрич, кој се залага за правата на израелските доселеници на окупираните територии и исто така е одговорен за голем дел од политиката на Израел на Западниот Брег, рече дека операцијата е почеток на „силна кампања“ против милитантните групи „за заштита на населбите и доселениците“.

Околу 700.000 израелски доселеници живеат меѓу 2,7 милиони Палестинци на Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои Израел ги зазеде во 1967 година. Повеќето држави сметаат дека израелските населби на територијата зафатена од војната се нелегални. Израел го оспорува ова, наведувајќи ги историските и библиските врски со земјата.

Меѓународно признатата палестинска управа има ограничено самоуправување на дел од територијата на Западниот Брег под израелска воена окупација.

Во деновите пред операцијата, Палестинците ширум Западниот Брег изјавија дека се поставени повеќе блокади на патиштата низ територијата на кои беше забележан пораст на на насилството од почетокот на војната во Газа.

Групи израелски доселеници нападнаа Палестинци доцна во понеделникот (20 јануари), кршејќи автомобили и палејќи имот, во близина на селото Ал-Фундук, област каде што тројца Израелци беа убиени претходно овој месец.

Армијата соопшти дека отворила истрага за инцидентот, во кој, како што рече, учествувале десетици израелски цивили, од кои некои носеле маски.

Извори: АП, Ројтерс

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG