Достапни линкови

Британија и Шпанија им се придружија на САД


Британија и Шпанија им се придружија на Соединетите Држави во нивната намера да предложат нова резолуција со која би се отворил патот за војна против Ирак. Но, што доколку Советот за безбедност не прифати таква резолуција. Jавното мислење во Британија и Шпанија е против војна доколку таа не биде одобрена од Обединетите Нации.

Вашингтон, Лондон и Мадрид наголемо се обидуваат да добијат поддршка меѓу членките на Советот за безбедност во обезбедувањето најмалку девет од петнаесетте гласови со кои би минала новата резолуција, своевиден последен ултиматум до Садам Хусеин. Но, од друга страна, постои можност таа резолуција да биде ветоирана од една постојна членка на Советот, било да е тоа од Русија, Кина или Франција. Британскиот премиер Тони Блер во минатата недела ги отфрли таканаречните ,,што ако,, разговори:

„Верувам дека ние ќе имаме поддршка за втора резолуција и не мислам дека ќе ни помогнат шпекулациите од типот што би можело или не би можело да се случи.“

Сепак, останува отворено прашањето ,,што ако,,. За тоа, по се изгледа, размислува и премиерот Блер кој, со други зборови, рече дека не е неопходна нова резолуција за воена акција против ирачкиот режим. Ентони Кинг – професор на Есекс универзитетот верува дека Тони Блер е подготвен да завојува со Ирак.

„Во овој момент синте индикации се дека Блер и Буш се обединети во верувањето дека, што и да сторат Обединетите Нации, Садам Хусеин треба да биде разоружан и симнат од власт и доколку знаат дека за тоа ќе треба да платат висока политичка цена дома.“

Џон Рентоул – биограф на премиерот Тони Блер смета дека е можно финалниот текст на новата резолуција да биде доволно мек за да им ја обезбеди, на Вашингтон и на Лондон, потребната поддршка од Советот.

„Тоа ќе биде доволно за да им даде на Британија и Америка дипломатски закрила потребни за да кажат дека воената акција е одобрена од Обединетите Нации.“

Како и да е – Блер пред извесно време доживеа најголем удар од своите сопартијци, откако е на власт, кога повеќе од сто пратеници на неговата Лабуристичка партија гласаа против евентуалната војна со Ирак. Во уште полоша состојба е шпанскиот премиер Хозе Марија Азнар чија партија наскоро ја очекуваат локални избори. Но, како што сметаат експертите, за разлика од неговиот британски колега, Азнар не се обврзал да испрати шпански сили во евентуалната војна. Според Адам Таунсенд од Лондонскиот центар за европски реформи, поддршката на Азнар е по малку иронична.

„Најдоброто што може да го направи Азнар е можеби да даде опрема. Но, како што ми рекоа некои шпански пратеници, дури и тогаш тоа би можело да значи прекршување на Уставот. Значи за разлика од Блер, Азнар не ги доведува во ризик шпанските војници. Азнар и без втора резолуција се уште ќе му дава морална поддршка на Буш за војна против Ирак.“
XS
SM
MD
LG