Достапни линкови

ДУИ за преговори, во ДПА молчат


Додека ДУИ прифаќа преговори со до сега фантомската АНА, во ДПА кон која е свртено вниманието на овдешната јавност дека е можно да има вмешано прсти во оваа паравоена организација молчат.

Нема ниту една табу теба и треба да се преговара со АНА, изјавил на новогодишната средба со новинарите лидерот на ДУИ Али Ахмети. Портпаролот на партијата Ермина Мехмети вели, нашиот лидер нема дадено изјава дека ДУИ сака или има намера да преговара со АНА, туку:

„Господинот Али Ахмети рече дека би требало, или правично би било тие луѓе коишто се претставници на АНА, да се демистифицираат, што значи би требало да се претстават, да ги видиме, да ги запознаеме и конкретно да кажат кои се и што бараат. Се што знаеме за нив досега е фактот дека тие имаат одредени имиња кои се фактички непостоечки, имаат еден веб-сајт на којшто ги објавуваат нивните соопштенија, меѓутоа, ништо повеќе од тоа не се знае.“

Во ДПА на Арбен Џафери се молчи, иако голем дел од јавноста во Македонија ја посочуваат оваа партија како можен политички покровител на паравоената АНА. Дневниот весник на албански јазик „Факти“ денеска пишува дека би било голема грешка доколку оваа партија стане политички носител на воена формација, која било да е таа. Можно ли е, пишува „Факти“ лидерот на ДПА Арбен Џафери да си дозволи таков комодитет, односно да се обиде на власт да се врати преку една ваква авантура.

Во ДУИ велат дека не постои реална опасност за дестабилизација на земјата.

„Во дадениот момент не може да говориме за каква и да е опасност, бидејќи се уште ништо не се знае за нив,“

изјави порпаролот на ДУИ Ермина Мехмети.
XS
SM
MD
LG