Достапни линкови

Учениците да не бидат политички злоупотребувани


Најавуваме превентивна општествена акција на владата во надминувањето на проблемите во државата, почнувајќи од образованието. Токму затоа и со цел да не се потценат меѓуетничките тензии во образованието, моето прво јавно излегување од Скопје е посетата на овој средношколски центар, изјави премиерот Бранко Црвенковски по средбата со професорите, учениците и нивните родители во училиштето „Нико Нестор“ во Струга, каде пред две недели започна серијата меѓунационални инциденти и тепачки меѓу учениците Албанци и Македонци што се прелеаа низ струшките улици, по што дојде и до дводневен прекин на наставата.

По средбата на која било оценето дека се работи за инциденти на етничка, но и на верска основа премиерот Црвенковски го изнесе ставот на владата дека овие настани треба да се аларм за целата македонска јавност, која заедно со владата треба да ја преземе одговорноста да не дојде до повторување на настаните со меѓуетничка нетрпеливост и омраза, зошто во спротивно според премиерот, сожителството ќе остане само реторика во речникот на политичарите.

Црвенковски кој подвлече дека мора да се реафирмира принципот дека основното и средното образование не се само образовни, туку и воспитни институции, им упати порака на политичките партии да се воздржат од политичкото манипулирање со учениците.

„Ја користам оваа прилика да им порачам на политичките партии без разлика, од позиција или опозиција, вклучително и на онаа на чие чело јас се наоѓам, дека основните и средните училишта и не само тие, туку воопшто образовниот систем, мора да остане надвот од делокругот на нивното политичко дејствување. Последната адреса на којашто можат и смеат да се обратат во остварување на своите политички цели се учениците.“

Според министерот за образование, Азис Положани и во создавањето амбиент за надминувањето на ваквите проблеми како што е случајот со училиштето „Нико Нестор“ во Струга може да помогне побрзото реализирање на деловите на охридскиот рамковен договор во врска со образованието.

За сеуште нерешениот проблем со ОУ во Шемшево, премиерот Црвенковски рече дека се работи на решение низ политичко обидување.
XS
SM
MD
LG