Достапни линкови

Конкретни бројки сеуште се договараат


Европската Унија вети финансиска помош за обнова на регионите во Централна и Источна Европа погодени од големите поплави. Кои се димензиите на овој пакет?

„Ова е време кога мора да покажеме дека Европа е солидарна“

изјави претседателот на Европската Комисија Романо Проди по состанокот во Берлин на лидерите на земјите кои претрпеа најголеми штети од годинашните поплави и кои се проценуваат на над дваесет милијарди евра. Домаќинот на собирот германскиот канцелар Герхард Шредер со надополнување дека страдањата на жртвите од поплавите не познаваат граници.

„Ќе продолжиме да работиме за да ја престориме Европа во место на солидарност меѓу луѓето кои живеат во земјите членки на Унијата и во земјите кои ќе станат нејзини членки.“

Конкретно, Шредер прецизира дека Европската Унија се согласила да преземе серија мерки кои ќе ја олеснат ситуацијата. Меѓу нив: државни договори за обнова на разурнатото и итни субвенции за земјоделците. За земјите кандидати за влез во Унијата пак, главно помошта е во кеш. Засега не се утврдени прецизни бројки, освен ветената помош од шеесет милиони евра за Чешка. Аналитичарите велат дека иако ова сума не е за потценување, сепак не може ни од далеку да ги покрие штетите од поплавите во таа земја. Чешкиот премиер Владимир Шпидла, повикувајќи се на прелиминарни проценки, изјави дека тие би биле меѓу две и три милијарди евра. Експертот за европски прашања од Универзитетот во Ротердам Ренус ван Шенделен забележува дека финансиска помош ќе биде дадена брзо, бидејќи парите се во рацете на Унијата и оти за нивно делење не ќе треба одобрување од петнаесете нејзини членки. Но, Шенделен вели дека тоа има и лоша страна:

„Секако, има губитници во приказната. Вистинските губитници например се Келн и Хамбург, но и други градови кои беа далеку од поплавите. Тие сега нема да ги добијат ветените средства за регионален развој, бидејќи парите ќе бидат пренасочени за источниот дел на Германија.“

вели Шенделен. Од друга страна, директорот на Центарот за европски студии во Брисел Карел Лано наведува дека понудената помош ќе ја зголеми популарноста на Унијата не само кај земјите кандидатки, туку и подалеку кон истокот на Европа. Меѓутоа, забележува Лано, една работа е да ветиш помош, а друга е да ја дадеш. Европската програма за помош отсекогаш била попречувана од проблеми на доцнење или на парцијална испорака.

„Кризниот менаџмент или на некои други слични проекти, покренати тука во Брисел, немаа многу добра репутација во минатото.“

вели Лано. На самитот во Берлин беше постигната согласност Европската Унија да формира фонд за прирордни катастрофи како одговор на настаните како што беа годинашните поплави. Според планот, фондот би располагал со петстотини милиони евра за обнова на погодените региони. Според аналитичарите, проблем би можело да претставува тоа што овој предлог мора да биде одобрен од петнаесете земји-членки на Унијата. Притоа тие го наведуваат искуството од пред повеќе години кога Европската Унија имаше сличен фонд но беше укинат од Европскиот парламент бидејќи средствата долго време не беа користени.
XS
SM
MD
LG