Достапни линкови

Ахмети, Џафери, Алити и Хаџиреџа во „шестката“


Синоќа на полноќ истече рокот за доставување на кандидатските листи за парламентарните избори закажани за 15-ти септември. Последни листите ги обелоденија албанските политички партии ДПА, ДУИ и ПДП, а најинтересно ќе биде во шестата изборна единица каде што силите ќе ги одмерат лидерите на четирите албански политички партии во Македонија, Арбен Џафери, Али Ахмети, Абдурахман Алити и Кастриот Хаџиреџа.

„Ние се одлучивме токму во оваа изборна единица, не само партиите туку и лидерите да ги омдерат силите, гласачите да кажат на кого повеќе му веруваат и кој има посилна и подобра и партиска структура и предизборна програма.“

Изјави секретарот на НДП, Џеват Адеми. Додека Агрон Буџаку од ДУИ и Насер Зибери од ПДП со сличен став за причините за кандидирање на нивните лидери во шестката:

„Затоа што најголем број албански гласачи живеат во овој дел на Македонија, а исто така во шестата изборна единица припаѓа и селото Зајас.“

„Господинот Алити е роден и живее во шестата изборна единица, односно во Тетово, па беше и најприродно тој да биде носител на изборната листа на ПДП во таа изборна единица.“

Сите овие политички субјкти со различни ветувања сметаат дека ќе го привлечат избирачкото тело во овој регион. Демократската Унија за Интеграција на Ахмети со:

„Визија за иднината, додека сите зборуваат за минатото, за национализмот, за мафтање со знамиња и слогани, ние нудиме визија за иднината, визија за заедничка Македонија и за економски развој.“

ПДП на избирачите според Зибери ќе понуди:

„Квалитет и во кадровска и програмска смисла што ќе биде наша особина и квалитет што ќе не разликува од другите.“

Додека НДП

„На избирачите им нуди шанса да се определат за нови политичари, за нови вредности, еднаш за секогаш да се ослободиме од овој баласт политичари кои освен другото не доведоа и до војна.“
XS
SM
MD
LG