Од Црвенковски, Георгиевски и Груевски до Заев и Ковачевски
Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, државата ја воделе една експертска, две преодни, две технички и девет стандардни владини кабинети.
За 31 година Македонија имаше 11 премиери, од кои четворица со по два мандата, ако се сметаат и мандатите во т.н. преодна Влада. На премиерските позиции најдолго се задржаа Бранко Црвенковски, Никола Груевски и Зоран Заев.
Бранко Црвенковски 04.09.1992 - 30.11.1998 и 01.11.2002 - 12.05.2004
Поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, ја предводеше првата Влада во Македонија формирана од СДСМ. Тој беше премиер во два наврати. Неговиот прв мандат беше од 4 септември 1992 до 30 ноември 1998 година. Вториот премиерски мандат на тогашниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, беше од 1 ноември 2002 до 12 мај 2004 година. Мандатот на неговата тогашна Влада траеше две години, по што беше формирана т.н. преодна Влада.
Љубчо Георгиевски 30.11.1998 - 01.11.2022
Еден од основачите и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, беше премиер од 30 ноември 1998 до 1 ноември 2002 година.
Тој ја предводеше Владата која беше формирана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и партијата Демократска алтернатива на универзитетскиот професор Васил Тупурковски.
Хари Костов 02.06.2004 - 18.11.2004
Тогашната нова Влада на социјалдемократите ја предводеше, како што тогаш беше кажано - независен премиер - Хари Костов, кој на премиерската позиција дојде од приватниот банкарски сектор, а на предлог на СДСМ.
Неговиот премиерски мандат траеше неполни шест месеци - од 2 јуни 2004 година до 18 ноември 2004 година.
Владо Бучковски 12.12.2004 - 26.08.2006
Универзитетскиот професор и тогашен висок функцинер на СДСМ, Владо Бучковски, ја преводеше шестата Влада формирана од социјалдемократите, ако се сметаат и двете преодни Влади кои ги водеа социјалдемократите.
Неговиот премиерски мандат беше од 12 декември 2004 година до 26 август 2006 година.
Никола Груевски 26.08.2006 - 18.01.2016
По повеќе години владеење на СДСМ, на парламентарните избори победува ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кој станува и премиер, со владино искуство како министер за економија во владиниот состав на Љубчо Георгиевски, неколку години претходно.
Во премиерскиот кабинет беше речиси 10 години - од 26 август 2006 година до 18 јануари 2016 година.
Зоран Заев 01.06.2017 - 03.01.2020 и 21.08.2020 - 16.01.2022
По 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, на власт се враќа СДСМ, на чело со новиот лидер, Зоран Заев, кој станува и премиер.
Неговиот мандат беше од 1 јуни 2017 до 3 јануари 2020 година. Со изборите во 2020 година повторно власта ја освојува СДСМ и неговите коалициски партнери. Владата повторно ја предводеше Зоран Заев. Неговиот втор премиерски мандат беше од 31 август 2020 до 16 јануари 2022.
Димитар Ковачевски 16.01.2022 -
Наследникот на Зоран Заев на лидерското место во СДСМ, Димитар Ковачевски, застанува и на чело на Владата во јануари 2022. Тој владин состав, на чело со Ковачевски и денес е актуелен во Македонија.
На премиерското место, Ковачевски дојде од позиција заменик-министер за финансии, но и како фаворит на неговиот претходник на лидерското место во партијата и во Владата - Зоран Заев.
Бранко Црвенковски остана запаметен по транзицијата, Љубчо Георгиевски по отворањето на македонската економија за грчки капитал, Владо Бучковски по спорната набавка на тенковски делови, за која за малку избегна затвор. Во времето на Никола Груевски цветаше градежништвото, а тој и неговите братучеди, се стекнаа со голем градежен имот. Зоран Заев го промовираше бизнисот со медицинска марихуана, во кој влегоа и неговите братучеди, а сегашниот премиер Димитар Ковачевски се поврзува со бизнисот со производство на соларни панели.
Опозицијата обвинува за соларен картел на Ковачевски
Со недели опозициската партија објавува обвинувања за злоупотреби што ги сторил сегашниот премиер додека бил заменик министер за финансии.
Во аферата „Броило“, како што ја нарекуваат, вмешани се Ковачевски и неговиот кум, Горан Паунов, кои ја основале фирмата за соларни системи Пиксел груп, неколку месеци откако СДСМ доаѓа на власт.
Фирмата, според ВМРО-ДПМНЕ, добивала државна помош додека Ковачевски бил заменик министер, а компанијата на неговиот кум добива државни тендери за поставување соларни панели, што наводно ги правела фирмата на Ковачевски.
Според партијата, фирмата досега има бизнис од 26 милиони евра. Тврдат и дека фирмата добивала пари од државата и во време кога Ковачевски бил мандатар за избор на нова влада, кога ѝ се префрлени над 200 илјади евра.
„Јас сум еден од сновачите на компанијата „Пиксел“ која е формирана 2017/2018 година, но кога станав министер јас ги отстапив уделите“, рече премиерот Димитар Ковачевски за аферата „Броило“ за којашто го обвинува опозицијата.
Ковачевски е на чело на владата предводена од СДСМ од јануари 2022.
Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека нема основа да реагира зашто Ковачевски, пред да стане заменик-министер за финансии, ги продал уделите во фирмата и не учествува во управувачката структура.
Во анкетниот лист што Ковачевски го поднесува како премиер е наведено дека поседува три стана, автомобил Фолксваген поло, акции, банкарски сметки, како денарски, така и девизни.
Ковачевски ја предводи македонската влада 10 месеци. Во Владата дојде без избори, односно го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече по функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа лани во октомври.
Медицинската марихуана како лек за бизнисите на семејството Заеви
Заев беше премиер неполни четири години. Тој ја симна од власт ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски после 10,5 години владеење. По избприте во 2016, СДСМ ја презеде власта во 2017 година, оти ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада. Пред да стане премиер Заев беше и градоначалник на Струмица, од каде што и потекнува, а неговото пошироко семејство има бизнис за преработка на овошје и зеленчук, компании за градежништво и градежни материјали, трговски друштва, а откако тој стана премиер влегоа и во бизнис со марихуана.
Опозицијата го обвинуваше Заев дека „предводи криминален картел кој се богати од марихуана“. Заев потврди дека неговата фамилија, преку братучедот Трајче Заев, влегла во бизнис со марихуана.
По изборите во 2020, Заев како премиер во анкетниот лист навел дека сè што поседува не е на негово име, односно е на име на родители, сопруга и деца. На свое име имал само заем од 71 илјада евра.
Еден месец откако Заев си замине од функцијата, во февруари годинава неговиот син, матурант, влезе во бизнисот со струја, во ек на енергетска криза. Освен синот, неодамна во бизнисот со струја влезе и таткото на Зоран Заев, Панче, покажуваат податоците од Централен регистер. Управител на новата фирма за производство на струја е братот на Зоран Заев, Вице.
Зоран Заев во април изјави дека фирмата „Тотал енерџи“ на неговиот син Душко ќе изгради фотоволтаична централа од 470 kW во близина на Струмица, родното место на поранешниот премиер.
Откако не е повеќе премиер, Заев се пробува и во хуманитарни води. Заедно со брат му Вице Заев во јуни 2022 ја основаа фондацијата Заеви – Едно општество за сите.
Груевски – Плацеви, станови и градежна експанзија во Скопје
Ако името на Заев и неговите братучеди се поврзува со марихуаната, името на неговиот претходник Никола Груевски и неговите братучеди, пак, најмногу се поврзува со градежниот бизнис. Имаше обвинувања за местени тендери, пари на офшор сметки, купување на атрактивни парцели државно земјиште скоро за џабе, за кои додека владееше Груевски само срамежливо се зборуваше, а ако некој новинар напишеше добиваше пресуда за клевета и навреда.
Со објавувањето на прислушуваните материјали или таканаречените бомби во 2015, пак, и пошироката јавност можеше да слушне за „криминалите“ на тогашната власт. Во „бомбите“ можеше да се слушне дека Груевски го сечел, лепел, и монтирал проектот Скопје 2014 со кои беа изградени објекти, фонтани, споменици и нови фасади во барокен стил во центарот на градот, за што се претпоставува дека биле потрошени една милијарда евра.
Против Груевски беа отворени неколку судски предмети. Тој во случајот „Плацеви на Водно“ за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот, доби седум години затвор. Му се судеше во отсуство оти по пресудата за предметот Тенк, за спорна набавка на службен Мерцедес, поранешниот премиер Груевски, кој стана почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ побегна и доби азил во Унгарија. Според пресудата, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, парите на партиската сметка ги искористил за да купи парцели на Водно, атрактивна локација во Скопје.
Во анкетните листови што ги поднесуваше Груевски како функционер стоеше дека нема имот. Два стана се на име на мајка му, а за два велеше дека си плаќал кирија. Тој имаше и неколку банкарски сметки и 25 уметнички слики во вредност од околу 7000 евра.
СДСМ во мај 2016, додека уште беше во опозиција, ги објави анкетните листови на Груевски велејќи дека Груевски со плата од 1.400 евра, за една година заштедил 120 илјади евра. Тој не навел на кој начин му се зголемила заштедата, односно пишал дека парите му се заработени на друг начин.
Во бизнисите на поранешниот премиер, неизоставен дел беше неговиот братучед Сашо Мијалков, кој во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше шеф на тајната полиција.
Спогодбата на Мијалков со Судот за случајот Империја на површина го извади долгиот список со имот. Тој за да се спогоди со судот мораше да се откаже од десетици станови, 5,5 милиони евра во кеш, хартии од вредност, акции, 26 локали во хотелски деловен простор, неизградено земјиште, гаражи, деловен простор...
Бучковски за малку не заврши во затвор поради „Тенковските делови“
Универзитетскиот професор по римско право, Владо Бучковски беше премиер на земјава речиси две години, од 2004 до 2006 пред да дојде Груевски на власт. Него опозициската ВМРО-ДПМНЕ јавно го обвинуваше за криминална продажба на тогашното Електростопанство на Македонија и „милионско мито од Телеком“, додека беше на премиерската функција, како и случајот со спорна набавка на „Тенковски делови“ додека беше министер за одбрана. Тој раководеше со секторот одбрана во конфликтната 2001 година.
Во 2008-та беше осуден на три и пол години затвор за предметот „Тенковски делови“. Во 2019 овој предмет застаре откако повеќепати се враќаше на повторно судење.
Тој во интервју во 2012 за Фактор, рече дека за тенковските делови го наместил Црвенковски.
Маѓар Телеком, сопственикот на Македонски телеком, беше казнет со скоро 60 милиони долари од судот во Њујорк затоа што со скоро 5 милиони евра мито во 2005 си обезбедил позиции на пазарот на нелегален начин, односно излобирал да се одложи либерализацијата на телекомуникацискиот пазар во Македонија. Доминантен сопственик на Маѓар телеком е Дојче телеком, кој котира на Њујоршката берза, па затоа и тамошниот суд има ингеренции. Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред судот во Њујорк сведочеше дека мито зеле тогашниот премиер Владо Бучкоски и челниците на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери. Тие негираа. Во Македонија немаше судски епилог за случајот.
Костов – Куса екскурзија во политиката и враќање во банкарството
Хари Костов ја предводи македонската влада 169 дена во 2004-та. Тој дојде од банкарскиот сектор, каде и се врати. Во неговата банка се задолжени двете најголеми партии и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Георгиевски стана „средно богат бизнисмен“ по падот од власт
Во 1998 година голема победа за ВМРО-ДПМНЕ, на чело на владата застанува Љубчо Георгиевски и ќе ја предводи до 1 ноември 2002 година. Георгиевски мандатот го поминува во исклучително тензичен и тежок период – воениот конфликт во 2001 година, претходно бегалската криза на Косово која резултираше со бегалски егзодус на границата со Македонија.
Георгиевски беше осомничен во истрага на поранешното специјално обвинителство „Поштенска банка“ за злоупотреба на службена должност. Станува збор за перење на пари во вредност од 5 милиони евра, преку „Македонска пошта“ која до тогаш е во државна сопственост каде што влегле со капитал добиен од кредити неколку бизнисмени. Од бизнис аспект, владеењето на Георгиевски го одбележа отворањето на македонската економија за грчки капитал, по долгогодишните замрзнати односи поради спорот за името. Во негово време беше продажбата на државната рафинерија „Окта“ на грчката „Хеленик петролеум“. Во 2000 година, Националната банка на Грција стана сопственик на Стопанска банка Скопје.
СДСМ која беше во опозиција потоа со години го обвинуваше за корупција при продажбата на Окта. И Антикорупциска и Обвинителството ги истражуваа овие наводи, но никогаш немаше судски епилог.
По падот од власта влезе во приватниот бизнис. Во едно интервју за неговото богатство рече дека е „средно богат бизнисмен“.
Црвенковски – Приватизација, ТАТ и шверц на цигари
Бранко Црвенковски ќе остане запаметен како најсиромашниот премиер, со мал стан, според анкетниот лист.
Црвенковски ја предводи македонската влада во два мандати, една од 1992 до 1998, кога се спроведуваат транзицијата и приватизацијата. Вториот мандат е по воената 2001. Црвенковски останува на власт од 2002 до 2004, по што станува претседател на државата.
Раните 90-ти години беа одбележани со приватизација на државните фабрики по падот на комунизмот, шверцот со нафта за да се прекршат меѓународните санкции против тогашна Југославија, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Црвенковски е на чело на шверцот со цигари.
Времето на Бранко го одбележа и најголемата пирамидална финансиска измама, со штедилницата ТАТ во Битола. Црвенковски тогаш најавуваше борба против „октоподот“, како што го нарече организираниот криминал. Сопственичката на ТАТ беше осудена, но немаше одговорност кај политичките функционери во тоа време.
Ковачевски е 11-ти премиер на независна Македонија. Првата влада по осамостојувањето од Југославија во 1991 ја предводеше Никола Кљусев од ВМРО-ДПМНЕ, а владата беше експертска. Радмила Шекеринска по неколку денови во два наврати беше премиер на преодна влада, а во последните години се воведе термин и техничка влада. Технички премиери досега беа Емил Димитриев и Оливер Спасовски.