Водени од заедничката љубов кон културното наследство и од личната врска со настанот, ликовните уметници Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов се решиле да го сторат она што пред нив никој не го направил. Да потпишат книга која по прв пат ќе го извади на виделина целокупниот настан. Тој традиционален пагански ритуал што секоја Василица се одржува во селото Бегниште, Кавадаречко. Од таму, како што ќе биде забележано „Џоломарите“, како двојазична монографија, на македонски и англиски јазик што се појави неодамна како издание на „Арс Либрис“ како дел од „Арс Ламина – публикации“ од Скопје, е фотоприказна за овој пагански ритуал. Од таму не случајно во воведот на оваа објава ќе биде забележано дека „прекрасните фотографии кои ги прикажуваат бегнишките џоломари, всушност ги носат читателите во средиштето на настанот“. Дека се чувствува џоломарската атмосфера, но најмногу од сè, ги канат посетителите да го доживеат поредокот на светскиот хаос, кој настапува заради крајот на годината, помрачувањето на светот и на умот, времето на смртта на Старата година и воспоставувањето на космосот, на поредокот и раѓањето на Новата година, создавањето на новата светлина од искрите на коледарскиот оган и победата над смртта.
Кај нас има недостаток од пишани материјали и книги за овој настан. Решивме да го претставиме ритуалот на начинот на кој најдобро се изразуваме, а тоа е фотографијата. Со нашата книга сакавме да го надополниме тој недостаток од публикации поврзани со џоломарите. Свесни сме дека со една книга не може да се надополни таа празнина, но од некаде треба да се почне. Кога го подготвуваме текстуалниот дел од книгата, увидовме дека има многу малку пишани објави за овој настан. Всушност, ова е прва книга посветена на џоломарите, во кој може да се погледне целокупниот настан. Постојат само три видеоматеријали, една реклама и два кратки филма снимени за овој настан, но нема книги. Се надевам дека во иднина ќе бидат објавени уште дела и истражувања за настанот – ќе рече Илов на онлајн промоцијата на оваа книга со фотографии.
Авторот и со констатација дека традицијата на џоломарите е важен дел за македонското, но и за светското културно наследство. Вели дека потеклото на името џоломари сè уште е загатка. Дека може само да се претпоставува оти маската на џоломарите потекнува од праисториско време. Но, според Илов таа оттогаш останала автентична и непроменета. И сè уште е „жива“.
Има две маски за кои се знае дека потекнуваат од паганството, од кои едната е на џоломарите. Првите пишани траги за маската на џоломарите се од пред 400 години, но се смета дека е многу, многу постара од тоа. Се смета дека потекнуваат од времето кога луѓето верувале во многубоштво. Значењето на ова маска е во тоа што трае толку векови и што останала непроменета. Таа е една од живите културни наследства. Во споредба со традиционалниот Вевчански карневал, каде што маските се прават на почетокот на годината, се носат на Василица и се палат по настанот и така секоја година, кај џоломарите, пак, не се уништува маската по ритуалот и се одржува и се чува каква што е – вели авторот и фотограф.
Инаку Сашко Илов е дипломиран професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографии.
Неговата сопруга Цветанка Темкова Илова-Цеци е дипломирана ликовна уметница и реставратор со долгогодишно искуство како уметник, фотограф, но и реставратор на повеќе археолошки локалитети. На Флорида каде што подолго живеат таа е наставничка по ликовно, а во слободното време твори во своето студио.
И, конечно Гоце Давидов е академски вајар, кој предава вајарство во Рига, Летонија.
Уметниците фотографиите ги снимале за време на ритуалот, пет години по ред. Пред објавувањето на книгата ги селектирале најдобрите фотографии снимени во тој временски период, а во процесот од голема помош со своите сугестии им бил и Самир Љума, еден од кинематографите на документарецот „Медена земја“.
Сакавме преку фотографиите да ја прикажеме силината на ритуалот, односно движењето. Тоа најдобро го знаат луѓето кои се занимаваа со подвижни слики, со снимање филмови, па затоа се консултиравме при изборот на фотографии со камерманот Самир Љума. Големо е задоволството да се работи документарна фотографија, но и дека тоа е долг процес. Го фотографиравме настанот секоја година, но на пример, секој 13-14 јануари немаше снег во селото Бегниште, па на крајот ги одбиравме фотографиите само од годините со снег, што значи имаше т.н. промашени години. Инаку, би сакал да им се заблагодарам на жителите на селото Бегниште за нивната грижа околу нас, за гостопримството и за соработката за време на нашиот престој, заклучува во името на авторите на монографијата Илов.
Кон ова само уште неколку интересни информации врзани за ритуалот. Џоломари е традиционална маскирана група од селото Бегниште, Република Македонија. Овој настан има повеќе вековна традиција, се практикува најмалку од почетокот на доаѓањето на турската војски на македонските простори (ХIV-XV век). Почнувајќи од 7 јануари, па сè до 19 јануари во најдлабоката зима, луѓето од овие краишта веруваат дека низ селото се движат зли духови, болести, вештерки и демони. Секоја година, на 14 јануари, организирана, исклучиво машка група, под тешки маски, со агресивен танц и предизвикувајќи голема врева ги бркаат злите духови од селото за да биде годината понатаму исчистена од нив. Мажите кои учествуваат во ритуалот прво во своите домови ги бојат лицата во црна боја со саѓе (остаток од изгорените дрва во оџакот), облеката им е од козјо сукно и е црна или кафеава, а брадата и мустаците им се изработени од волна и околу половината врзуваат десетина тешки ѕвонци. Џоломарите се собираат навечер сред село. Кога ќе се соберат, почнуваат да скокаат, да удираат со стапалата и со стапови по земјата, да тропаат со тешките ѕвонци врзани околу нивната половина и со ова се верува дека ги бркаат злите духови од селото. Ова гласно тропање со ѕвонците и удирање со стаповите и стапалата на земјата се објаснува и како обид на луѓето да ја разбудат заспаната природа.