Достапни линкови

Џијан Емин: Дишете љубов!


Плакатот за концертот и проектот „Диши љубов“
Плакатот за концертот и проектот „Диши љубов“

„Диши љубов“ е насловен музичко-поетскиот и визуелен перформанс чија премиерна изведба е закажана за в петок, на 25 март во 20 часот, во Концертната сала на Филхармонија. Негови автори се Џијан Емин и Тина Иванова, а тематски проектот говори за љубовта, за Скопје, за градот, за воздухот....

Диши љубов“ пее за љубовта прикажана во сите нејзини лица - тажна, меланхолична, дури и трагична, среќна, возбудлива или полна со страст. Љубовта која сите не „демне“ во текот на сиот наш живот, љубовта без која не би можеле да опстоиме, без која не би можеле да дишеме, љубовта по која копнееме. Пее за Скопје, за здивот и духот на градот. Всушност, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои - воздухот и љубовта.

Ова ќе го забележат во своето обраќање до публиката авторите, композиторот и диригент Џијан Емин и музикологот и писател Тина Иванова, во пресрет на премирната изведба на својот сосема нов и уникатен проект „Диши љубов“ планирана да се одржи овој петок, на 25 март, во Концертната сала на Филхармонија. И, кога сме веќе кај фактите за овој музичко-поетскиот и визуелен перформанс да спомнеме и тоа дека за неговата изведба е задолжен ансамблот „оВо“ составен од извонредните и веќе добро познати музичари на македонската јавност. Покрај Џијан Емин – овојпат како гитарист и вокалист, тука се и Драган Гиновски Гино и Ади Имери – гитари, Дарко Мучев Мучо – бас и Гоце Стевковски – тапани, заедно со „Магичниот гудачки ансамбл“ во кој членуваат музички уметници од Филхармонија и хорот „Магични гласови“. Згора на тоа, во најават стои дека сцената ќе биде збогатена со визуелни ефекти специјално создадени за овој настан од страна на уметникот Емил Петров.

И, кон ова уште дека песните ќе бидат испеани целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја „поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика која влече корени од музиката од 1980-те и особено од 1990-те години на минатиот век создавана на американското и на британското музичко поднебје.

А, во однос на темата потписниците на „Диши љубов“ ќе појаснат: Инспирацијата да се реализира овој концерт првично произлезе од проблемот со кој годиниве наназад се соочува Македонија – загадениот воздух и се што тоа повлекува со себе, особено свеста за екологијата и за човечкото здравје. Од друга страна, проектот се доживува и како чисто љубовен, бидејќи самата тематика се базира на онаа првична, наивна љубов, на взаемна страст помеѓу двајца партнери. Концертот е замислен да се реализира на две нивоа. Првото ниво е изведба на песни кои во себе ја содржат веќе споменатата идеја, а второто ниво е нарација на расказ со љубовна тематика поткрепена со инструментална музика, што на целиот проект му дава една сосема нова и поинаква димензија.

И, толку како вовед во оваа уникатна приказната чија праизведба се очекува со нагласено внимание. А, подеталното објаснување следува во продолжение. Одговорите ги има Џијан Емин, чиј ентузијазам и позитивна енергија едноставно не оставаат никого рамнодушен.

По цели две години од првичната најава за премиерната изведба, во Филхармонија в петок „воскреснува“ проектот „Диши љубов“ зад кој како автори стоите музикологот Тина Иванова и ти. Што се случуваше во меѓувреме со овој уникатен зафат? Еволуираше ли идејата за Скопје, љубовта, довербата...посебно во времево во кое остана малку простор за душата и убавите нешта?

- Сведоци сме на тешки времиња. Повеќе од очигледно е дека се доближуваме до некакви епохални цивилизациски промени кои во историјата досега се покажале како ужасно напорни периоди. Во вакви времиња не ни останува ништо друго освен да се свртиме кон основите на нашето постоење и да се прашаме што е она што најмногу ни треба во животот. За жал и во исто време за среќа, во вакви најтешки ситуациии човекот знае да ја покаже добрата страна и да го разбуди чувството на емпатија. Се покажа до сега дека катастрофите ги зближуваат луѓето и ја будат онаа вистинска хумана страна која ни кажува „ништо не е битно, само да сме здрави и живи“. Секако постојат и онакви кои јавно се ситат на туѓата несреќа, жални изгубени души, но и тие кога ќе останат сами со себе ги дочекува вистинита. Никој не е над вистината. Тоа е константа од која нема бегање. Љубовта е исто толку силна константа од која не можеме да побегнеме. Впрочем и не треба. Треба да ја храниме. Можеби нашиот проект „Диши љубов“ ќе не потсети дека љубовта е највозвишеното чувство што еден човек може да го добие. Малку треба, посебно во времево во кое малку остана простор за душата и убавите нешта.

Музички „Диши љубов“ генерално се потпира скоро на истата екипа од тогаш. Покрај тебе како композитор, аранжер, мултиинструменталист, вокалист ...тука се Мучо, Гоце, Гино, Ади...гудачите ... Станува збор за доверба стекната низ заедничката километража или сепак како автор покомотно се чувствуваш со нив? Се читате и си сервирате слобода за импровизација на сцена?

-Моето гледање на сите овие процеси го сублимирам во една реченица : Важно е како поминува животот. Јас сакам животот да ми помине исполнет со убави работи. Да можам да бидам дел од добра енергија и, доколку можам, да придонесам овој свет барем за момент да биде поубаво место за живеење. Со тоа сакам да кажам дека мене ми е задоволство кога сум во друштво со прекрасни луѓе со кои сакаме заеднички работи. Дополнително доколку тоа се вистински пријатели и одлични музичари, и сите уживаат и се среќни со тоа што заедно го правиме. За мене е знак дека сум на вистинското место и сум бескрајно благодарен за таа благосостојба.

Од каде потребата кај Џијан Емин да пее. Е, ли тоа нешто што долго го таеше во себе и сега еве излегува на виделина? Конечно, сите ние по малку или повеќе пееме, но вака...Те охрабри ли искуството со АРХАНГЕЛ...или можеби веруваш дека самиот најдобро ќе ја изразиш емоцијата на музиката?

-Пеам од кога знам за себе. Сакам да пеам и убаво ми е. Композициите се прилично интимни и одлучив дека ќе биде наједноставно сам да ги испеам, токму од причина дека можеби јас би бил најуспешен во емотивниот израз. Сепак колку и да се трудам да бидам објективен за моето пеење, публиката за тоа најискрено ќе изреагира. Се надевам позитивно.

Како ви течеше соработката со Тина Иванова? Колку притоа еден со друг како творци се храбревте да го изнесете проектот на виделина? Да понудите нешто поразлично? Да понудите љубов за сите нас што изгледа загинавме барајќи ја во обичноста на секојдневието на ова време невреме?

- Со Тина Иванова имаме многу заеднички музичко естетски согледувања и досега сме соработувале на многу проекти. Таа секогаш имала одлични идеи за различни проекти со филхармонијата, „Трибјут на Дејвид Боуви“, „Париз те сакам“, „Љубов и револуција“ и многу други, дополнително скоро за сите детски концерти на филхармонијата во изминативе години, концептите го има направено токму Тина. Со голем дел од овие настани се отвори нова страна во продукцијата на филхармонија од која произлегоа многу други, исто така важни настани.

Тина секогаш го одобрувала моето компонирање песни, а мене секогаш ми се допаѓале нејзините текстови без разлика во кој жанр или контекст се поставени. Сосем природно дојде до оваа соработка која еве конечно ќе имаме прилика и да ја реализираме.

Тука е и Емил Петров, кој е одоговорен за визуелниот ефект на кој сме му бескрајно благодарни за огромната поддршка која ја даде на овој проект од самиот почеток.

Ќе ја продолжите ли соработката? Конечно, ќе си дадете ли слобода „Диши љубов“ да го документирате? Да го сместите на носач на звук или слика?

- Аудио материјалот за „Диши љубов“ е веќе снимен во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев и по оддржување на настанот ќе пристапиме кон продуцирање на овој материјал кој секако ќе се најде на носач на звук. Секако дека настанот ќе биде и видео документиран.

Наша желба е проектот да го видат колку може повеќе луѓе, да го однесеме низ градовите во Македонија и надвор од нашите граници.

Која е следната твречка станица во авантурата на Џијан Емин? Што го провоцира немирниот дух во него? Ќе им се врати ли на патешествијата по светот? На соработките со големи имиња, на големите сцени?

- Пред некој ден разговарав со најблиските на оваа тема, што е тоа што ме тера да го правам ова. Одговорот е : едноставно ова сакам да го правам и вака се чувствувам нормално. За жал некогаш цената е преголема, бидејќи живееме во општество каде многу параметри укажуваат дека е невозможно човек да се занимава со било каква уметност. Една голема провокација е фамозната фраза “ не може ! “ . Кога ќе го слушнам тоа добивам силен нагон да покажам дека може и дека може да биде убаво додека се прави тоа. Не сум инаетчија по природа, но сакам да покажам дека работите не се толку комплицирани и тешки како што луѓето најчесто избираат да ги доживуваат.

Оваа година ќе има неколку убави настани меѓу кои концертите во Градски парк со ансамблот на Филхармонија, концертите со Биг бендот на ЗЏМ, следува и ново издание со Магичниот оркестар... концертна промоција и потоа снимање на нов албум со истиот состав на тема „Музика за големи и мали деца“. Во преговори сме за неколку големи концерти во регионот и кај нас кои треба да се случат некаде на есен, а за кои би зборувале штом се објават.

Планови, идеи и желби има бескрајни. Доколку се искрени и вистински силни тие самите наоѓаат начин да се реализираат. Јас сум пресреќен што сум тука да ги посведочам тие искуства.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG