Достапни линкови

„Љубовта спасува животи“ на Јунаковиќ објавена на македонски јазик


Насловната страница на сликовницата
Насловната страница на сликовницата

На 2 април, Светскиот ден на литературата за деца, издавачката куќа „Софија“ од Богданци, како најава за четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2022“, ја објави сликовницата „Љубовта спасува животи“ на реномираниот хрватски уметник - Свјетлан Јунаковиќ.

Свјетлан Јунаковиќ, реномираниот хрватски илустратор, сликар и скулптор конечно доаѓа во Македонија. Имено, на 2 април, на Светскиот ден на литературата за деца, издавачката куќа „Софија“ од Богданци ја објави сликовницата „Љубовта спасува животи“, едно од неговите најпознати дела. Оваа објава наедно е најава за гостувањето на Јунаковиќ на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2022“ чие четврто издание ќе биде отворено во јуни токму со голема ретроспективна изложба на овој плоден автор во Националната галерија. Јунаковиќ, кој важи за еден од најактивните продолжувачи на традицијата на југословенска школа за илустрација, ќе одржи и неколку предавања во рамките на фестивалот „Литера“.

Книгата „Љубовта спасува животи“ е вистински пример за уметничка и авторска сликовница, модел за добра литература за деца и за дело кое досега е преведено на десетина јазици низ целиот свет.

Едноставната приказна за Ели и нејзиниот татко е раскажана од две перспективи – на дете и на возрасен човек, а „врвната илустрација на Јунаковиќ ги спојува двата тека во една компактна целина“.

Свјетлан Јунаковиќ е еден од најпознатите илустратори од регионот, професор на Академијата за ликовна уметност во Загреб и визитинг-професор на академиите во Виена, Австрија и во градови во Италија, Шпанија итн. Автор е на повеќе од двесте илустрации на сликовници, книги за деца и за возрасни. Јунаковиќ изложува во најголемите уметнички центри, а добитник е на најзначајните хрватски и светски награди за уметност и илустрација.

Сликовницата „Љубовта спасува животи“ од хрватски на македонски јазик ја преведе Сребра Ѓорѓијевска, а изданието е втора објава од едицијата за уметничка сликовница „Џагор“, на издавачката куќа „Софија“ од Богданци.

Едицијата за уметничка сликовница „Џагор“ ја започнавме кон крајот на минатата година, во партнерство со печатница „Софија“. Првиот наслов беше „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски, со илустрации од Кристијан Јованоски. Нашите заложби се кај најмладите, а преку нив и кај повозрасните, да ја поттикнеме свесноста за квалитетната литература, каде што подеднакво важен е и наративниот и визуелниот дел. Планот ни е во период од две години да објавиме 10 вакви наслови. Среќни сме што во „Џагор“ го имаме едно најпознатите дела на хрватскиот илустратор од светски ранг Свјетлан Јунаковиќ, автор на над двесте илустрации на книги за деца и возрасни, преведуван на дваесетина јазици. Импозантното творештво на Јунаковиќ, ќе биде претставено со голема ретроспективна изложба на отворањето на годинашното четврто издание на фестивалот за литература и илустрација за деца ЛИТЕРА. Јунаковиќ е дел од големата југословенска и хрватска школа за илустрација, па на неговото доаѓање, освен изложбата и промоцијата на „Љубовта спасува животи“, има желба да го сподели своето искуство и со македонските илустратори и писатели, вели

Александра Јурковска, уредник на „Џагор“.

И чисто за потсетување, во рамките на досегашните три изданија на Фестивалот за литература и илустрација за деца ЛИТЕРА, беа реализирани исто толку ликовни поставки – изложбата на илустрации на прочуениот Димитар Кондовски, потем големата групна ретроспективна изложба на повеќемина македонски автори како Орде Маневски, Жарко Туниќ, Ацо Цветковски, Ацо Каевски, Мирослав Вељковиќ - Мишо, Томо Шијак, Томче Маневски, Стоилчо Георгиевски - Цоне, Димче Исаиловски, Димитар Божиков – Мичо... и претставувањето на делата на вистинскиот доајен на домашната илустрација – Младен Туниќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG