Достапни линкови

Јустиција сепак погледнува кој победил на избори


Фемида и пытки электричеством, коллаж
Фемида и пытки электричеством, коллаж

„Што правите тука, Петре Шилегов изгуби на избори“, им се обрати сопственикот на една од галиите на работниците кои го уриваа објектот. Не е важно дали работата е според закон, важно е кој победил на избори. Работниците, ни криви ни должни, не си ја заработија дневницата, туку добија пцовки.

Наводниот сопственик на една од галиите во Вардар објави видео снимка како со погрдни зборови ги брка работниците кои го уриваа објектот.

„Петре Шилегов изгуби и сакам да знам што правите тука“, им се обраќа човекот што ги снима на работниците.

Значи, Јустиција сепак погледнува на едното око за да види кој победил на изборите, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Видео-снимката на Фејсбук ја сподели сопственикот на ресторанот Мечка во Дебар Маало, Спирко Блажевски. Тој за Слободен печат изјавил дека тој не го снимил видеото, туку само го споделил и оти не е сопственик на галијата.

Објектот е во сопственост на фирмата со бугарски капитал Сервис Емус АД Скопје, а управител е Жарко Младеновски.

Град Скопје уште во април годинава го почна уривањето, кое според најавите требаше да заврши за неколку недели. Уривањето требаше да биде на товар на сопственикот.

На социјалните мрежи се разви дебата дали треба да се уриваат галиите и дали воопшто требаше да бидат изградени. Од една страна, луѓето велат галиите требаше да се урнат уште одамна, други пак, сметаат дека сопственикот има право да си ја брани инвестицијата.

Едни се шегуваат дека и покрај тоа што Македонија нема море, почнува историска поморска битка. Само не е јасно кој е адмиралот Хорацио Нелсон, а која е шпанско-француската армада.

Други се шегуваат дека галиите се многу отпорни на надворешни влијанија.

Најголеми реакции имаше за односот на сопственикот кон работниците. Што му се криви тие, некој ги испратил на работа, коментираат граѓаните.

Галиите во Вардар, кои се дел од проектот Скопје 2014, не се пловни објекти, туку се фиксни објекти од тврда градба. За нив нема дозвола за градба, туку дозвола за поставување урбана опрема. Сопственикот на објектот вели дека нема судска одлука за уривањето на објектот вреден 1,2 милиони евра, но доскорешниот градоначалник Шилегов вели дека нема потреба од судска одлука, туку кога ќе се исполнат условите за раскинување на договорот, веднаш се оди на извршување, а не на судска постапка.

„Во постапката должникот има право на приговор до претседателот на судот по решението на извршувањето, и има право до жалба до Апелациониот суд. Тоа право сопственикот на галијата го користеше, и одбиен е и од претседателот на судот и од Апелациониот суд. Во меѓувреме има почнато два судски спора со барање за времена мерка, но двете барања се одбиени. Ние имаме целосно чиста правна ситуација“, изјави Шилегов.

Одлуката за поставување три галии во Вардар беше донесена во 2012 година во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ. Сопствениците требаше сами да ги изградат објектите и да стопанисуваат со нив 10 или 20 години, а на градот да му плаќаат концесија по над 1000 евра месечно. Првата од нив беше изградена во 2014 година. Доскорешниот градоначалник Петре Шилегов ветуваше дека ќе ги отстрани галиите, затоа што го нагрдуваат градот и го затвораат коритото на Вардар со што го зголемуваат ризикот од поплави. Тој постојано велеше дека нема пари за брзо отстранување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG