Најблиските владини и партиски соработници на доскорашниот партиски лидер Зоран Заев не се дел од новата структура на СДСМ која ја формираше новиот претседател Димитар Ковачевски. Досегашните потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче и Оливер Спасовски и претходно сами најави дека се повлекуваат, а од досегашните остана само вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Нови потпретседатели, како што синоќа решија во СДСМ, се и Перо Костадинов, Стефан Богоев и Бисера Костадинова Стојчевска. Заменик претседателката Сања Лукаревска останува на истата позиција, исто како и секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ. И Љупчо Николовски не е веќе генерален секретар туку на негово место доаѓа Миле Зечевиќ.
„Започнуваме процес на целосно отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам. Ова е предизвик на кој СДСМ сериозно ќе работи и ќе биде предводник во отфрлање на клиентелизмот во секој сегмент од општественото работење“, рече Ковачевски кој и самиот неколкупати досега најави дека ќе се обиде да направи обединување во партијата.
По загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ по кои и Заев си поднесе оставка од премиерската и од партиската позиција, дел анализи беа дека на гласање не излегле некои крила на СДСМ особено скопското, каде што изборните резултати покажаа пад на гласачите на владејачката партија.
Ковачевски во првото обраќање по изборот на новите партиски тела повеќе зборуваше за идниот чекор кој му престои како мандатар формирање на новата влада. Како предизвици кои стојат пред неа ги најави менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.
Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи, сега треба да се види дали партиските промени ќе се одразат и врз новата влада во која извесно е дека ќе ги нема министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министрите Венко Филипче и Мила Царовска.
„Сепак формирањето на партиските органи е внатрепартиска работа ако таа се рефлектира и на владината структура тогаш работите ќе се движат во насоката која ја најави новиот претседател“, вели Муслиу.
Повеќе од половина нови кадри во Извршниот одбор
И во извршниот одбор Ковачевски направи измени, па така од 17 члена девет ги немаат веќе позициите. Меѓу нив е генералниот секретар на владата Мухамед Зекири, ракометарката Андријана Будимир, актуелниот министер за транспорт и врски Благоја Бочварски, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и други. Нови лица се поранешниот генерален секретар на партијата Андреј Петров, деканот на факултетот за архитектура и претседател на Асоцијацијата на архитекти Мишко Ралев, Дритан Исмаили, советник во кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.
Петров стана генерален секретар на СДСМ во 2009 година, кога од позицијата шеф на државата како партиски претседател се врати Бранко Црвенковски. Тој одамна не активен во СДСМ, а во јавноста најчесто се појавуваше како доктор. Неговото име последнава година излегуваше во јавноста и како еден од докторите вработени во Систина, здравствена установа која е во сопственост на притворениот бизнисмен Јордан Камчев, а кои бараа негово ослободување оти бил неопходен за работата на болницата.
По долгодишна партиска неактивност во СДСМ се враќа и професорот од Еконскиот факултет Игор Ивановски. Тој е именуван за претседател на Советот за креирање и имплементација на политики. Ивановски има историја на партиска соработка со Заев, иако од кога тој дојде на чело на партијата во 2013 година немаше позиција. Ивановски беше избран за потпретседател на СДСМ првпат во 2007 година, кога претседателката на партијата беше Радмила Шекеринска. На истиот конгрес за потпретседател беше избран и Заев. Потоа во 2008 година, кога Заев беше избран за времен претседател на СДСМ Ивановски стана генерален секретар на партијата.
Сличен ваков пресврт во партиските редови се случи и во 2017 година, пред заминувањето на поранешниот партиски претседател Никола Груевски. Истата година пред заминувањето ВМРО-ДПМНЕ формираше нов извршен комитет во кои беше и самиот Мицкоски, но со него беа и Никола Попоски, Никола Тодоров, Даниела Рангелова, Илија Димовски и други. Сега од таа екипа во актулниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ останаа Влатко Ѓорчев, Александар Николоски и Антонио Милошоски.
Партиски препукувања СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ
Промените во СДСМ сега се дочекани со секојдневни критики од ВМРО-ДПМНЕ, кои го нарекуваат Ковачевски пиун на Заев. За лидерот на партијата Христијан Мицкоски тој е „слеп послушник на Заев“.
„Првиот впечаток е дека тој, Димитар Ковачевски се поклонува на заевизмот и политиките на Заев. Ако тој е слеп поклоник на политиките на заевизмот тогаш се е исто. Погледнете каков декор е. Каков декор беше на средбите со Заев во Елбасан“, рече Мицкоски.
Ковачевски по изборот на новите партиски тела пак возврати наведувајќи дека опозицијата се обидувала и ќе се обидува постојано да ја оцрнува и да ја омаловажува нивната работа и лажно да ги клевети за сè и сешто.
„Тоа е партија чија единствена цел е за реализација на своите теснопартиски и лични интереси, а власта за нив е само алатка за реализирање на овие интереси. ВМРО-ДПМНЕ за помалку од два месеци во општините каде има власт го покажа вистинското лице и ги блокираше сите проекти од интерес на граѓаните, но кои не се од нивни личен финансиски интерес“, рече Ковачевски.
Според неговите најави новата влада ќе биде составена најдоцна до средината на јануари 2022 година. ВМРО-ДПМНЕ пак, инсистира на нови предвремени избори како излез од политичката криза.