Претседателите на Македонија и на Бугарија Стево Пендаровски и Румен Радев прво ќе се сретнат на Меѓународниот аеродром Скопје, а потоа со бугарскиот државен авион ќе одат во Ватикан каде што заеднички ќе оддадат почит на делото на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј. Оваа средба доаѓа неполна седмица по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантош Силва на Скопје и Софија каде што го доставија нивниот предлог за деблокирање на македонските европски интеграции, потег кој Бугарија го направи пред се поради нерешени историски прашања.
Засега од Софија стигаат не сосема јасни изјави за нивните позиции за тој предлог. Во петокот сите со кои се сретна со европскиот двоец рекоа дека позицијата останува непроменета, но од друга страна денеска бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев иако повторно зборуваше за непроменетата позиција на Софија, кажа и која е нивната тактика.
„Тој мониторинг од страна на ЕУ ќе биде гаранцијата дека двостраните договори, кои се подпишани и ќе бидат потпишани ќе бидат исполнети. Тоа е тактиката,стратегијата“, рече Стоев.
Поумерни изјави се чини даде и бугарскиот претседател Радев кој два дена пред средбата со Пендаровски се сретна со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Португалија.
„Напредокот во евроинтеграциите за која било земја кандидат за ЕУ треба да се заснова на почитување на човековите права и целосна изведба на Копенхашките критериуми за членство во унијата. Потребна е и политичка волја од нашиот југозападен сосед за постигнување конкретни резултати за проблематични прашања“, рече Радев.
Проблем кој може да се протегнува дваесетина години
Симонида Кацарска од Центарот за европска политика ЕПИ вели дека несомнено фокусот е сега врз Радев кој ја постави техничката влада во Бугарија до која дојде откако изборите таму не досоа јасен резултат па не можеше да се формира политичка влада.
„Не е исклучено да имаме мала можност за некое преодно решение што би го откочило овој момент, меѓутоа мора да бидеме свесни дека Бугарите во своите позиции имаат јасни барања и во однос на втората меѓувладина конференција односно ние и доколку се направи одреден пробив тука мораме да очекуваме дека ова прашање долгорочно ќе не следи и ќе зависи и од однесувањето и односот што ќе го има која било влада и кај нас и во Бугарија во следните 10-20 години“, вели Кацарска.
Каде би можел да се направи пробивот во минатонеделниот предлог на европскиот двоец сугерира и изјавата и на заменичката на Радев, вицепретседателката Јулијана Јотова. Таа во интервју за бугарското радио БНР рече дека со помош на Европската унија и на двете држави треба да се најде решение со кое „нема да се се избрише меморијата ниту на Бугарија, ниту на Република Северна Македонија.
„Важна е темата за судбината на луѓето со бугарско потекло, за односите кон малцинските групи. Се треба да се стави на маса. Приврзаник сум на повеќе разговори, на повеќе средби но и на јасни позиции со подписи под документи“, рече Јотова.
Има ли простор за попуштање?
Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, рече дека европскиот предлог е добра база за решение споменувајќи дека ги има позициите на двете страни, а и тој навести каде може да се води дискусијата. Во однос на идентитетските прашања рече дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се „строго заштитени“, но истовремено ја имало и бугарската страна.
„Тоа е реалноста за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и секако си имаат свое право како што тоа го регулираат согласно нивните документи или резолуции да остане прашање за коешто и понатаму може да се разговара“, рече Заев.
Кацарска вели дека во досегашните македонски позиции не гледа многу простор за поместување во она што се подразбира под црвени линии.
„Меѓутоа секако дека има простор доколку има волја од бугарската страна да се покажат конкретни примери за соработка, да се работи на прашања од инфраструктура, стопанство итн.. Мислам дека ако се даде некаков поттик за зближување не само на политичките елити туку и на различни чинители мислам дека тука имаме простор да дадеме позитивни иницијативи“, вели Кацарска.
Инаку, бугарската агенција БГНЕС, која тврди дека го има предлогот што го донесоа Вархеји и Силва, јави дека во него се предвидува да има еднострани декларации на Бугарија и РСМ, а се предлага „РСМ да признае дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“, но тоа, како што пишуваат е одамна признат факт од властите во Скопје. Понатаму, се предлага двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на РСМ а како апсолутен преседан агенцијата го оценува тоа што во предлогот се зборува за црвените линии на РСМ.