Достапни линкови

Чија пчела пасе на државна ливада да си плати пашарина


Илустрација
Илустрација

На потсмев во јавноста наиде предлог законот за пасишта кој предвидува да се плаќа за напасување пчели на државни пасишта. Дел од граѓаните прашуваат дали можеби полицијата ќе апси пчели по ливадите. Сепак, напасувањето пчели во Македонија се наплаќа уште од 2007 година.

Предлог-законот за пасишта кој Министерството за земјоделство пред неколку дена го објави на Единствениот национален регистар на електронски прописи предизвика низа реакции на социјалните мрежи. На потсмев најмногу наиде членот 23, според кој ќе се наплаќа напасување на пчели на пасиштата во државна сопственост. Луѓето на социјалните мрежи се потсмеваат дека полицијата ќе апси пчели на државните пасишта. Сепак, напасувањето на пчели се плаќа и сега, само што тоа не е уредено во законот, туку во подзаконските акти.

Според предлогот, земјоделските стопанства кои спроведуваат колективно напасување „плаќаат колективна пашарина во висина од 0,3% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло ситен добиток, живина и пчелни семејства и 1% од просечна нето плата исплатена за минатата година во Република Северна Македонија по грло крупен добиток“.

Тоа значи дека ќе треба да се плаќа пашарана од околу 100 денари годишно по пчелино семејство.

Некои го отвораат прашањето, со оглед на користа од пчелите, кој кому треба да плати.

Други се потсмеваат со предлогот и прашуваат дали можеби власта планира да апси пчели по пасиштата. Некои очекуваат полицијата да спроведе опсежна акција наречена „Трут“ во која ќе легитимира пчели по ливадите.

Други веќе иронично коваат планови да ги дресираат пчелите да останат „анонимни“.

Веднаш се родија и идеи за бизнис. Дали местото каде што пасат пчелите може да се трансформира во градежно, прашуваат дел од граѓаните.

Други, пак, прашуваат дали можеби и луѓето кои имаат вошки ќе треба да плаќаат за нив.

Трети, пак, алудирајќи на ослободувањето на Србите од патарини, се шегуваат дека во знак на благодарност поради вакцинирањето македонски граѓани, на српските пчели ќе им биде бесплатно да пасат во Македонија, но оти сепак ќе има тендер за дозволи.

Некои граѓани, пак, бараат логика во предлогот и објаснуваат дека на овој начин ќе се направи увид и контрола во производството, а пчеларите нема да бидат во зијан, со оглед на тоа што и онака добиваат субвенции. На други, пак, не им се верува дека е вистина и сметаат дека се работи за лажни вести.

Сепак, напасувањето на пчели се плаќа уште од 2007 година, само што не е регулирано со закон, туку со Тарифникот на Јавното претпријатие за стопанисување со пасиштата.

Актуелниот Закон за пасишта од 1998 година е изменуван и дополнуван неколку пати во изминатите две децении.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG