Министерке Царовска, зошто законите со кои се овозможува реформа во социјалната сфера се уште не се изгласани во Собранието, кога и вие знаете дека 400 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштија и чекаат нивниот живот да добие поинаков тек?
Намалувањето на сиромаштијата во нашата држава, посебно на детската сиромаштија, е приоритет на оваа влада и тоа го покажавме и со интензивното припремање на оваа реформа и со брзото поминување на законите низ владините процедури. Но како и секоја реформа, така и оваа реформа бара преговори, бара да се ислушаат сите засегната страни, како здруженија на граѓани, така самите засегната граѓани, но исто така и политичките партии, сите оние коишто во Собранието треба да ја изгласаат оваа реформа. Јас сум сега сигурна дека во текот на овој месец ќе ја усвоиме и дека веќе во наредниот месец ќе почне исплатата.
Има ли разбирање во Владата за потребата од ургентно носење на овие закони со кои се зголемува социјалната помош, опфатот за детскиот и образовниот додаток, се воведува гарантирана социјална пензија, кои како мерки беа ветувани пред две години?
Како што кажав, тоа е приоритет на Владата и токму затоа и интензивно се подготви и интензивно се поминуваше низ сите процедури во Владата, премиерот лично застана зад оваа реформа, исто така и министерот за финансии. Јас сум горда што како тим го сработевме целото и што очекуваме исплата наредниот месец. Исплатата ќе почне, затоа што и системите се подготвени, дури и центрите за Социјалната работа, согласно новиот закон ги имаат распоредено домаќинствата.
Се носат закони, но и понатаму во реалноста на улиците се соочуваме со неубава слика на луѓе кои просат, а меѓу нив и деца. Најавувавте дека децата ќе бидат заштитени и нема да се злоупотребуваат, но проблемот е видлив.
Сите современи држави имаат граѓани кои се на улица и кои просат, дел со избор, дел без избор, но децата не смеат да бидат на улица и токму затоа оваа реформа се базира на искоренување на детска сиромаштија и даваме детски и образовен додаток. Минималниот адекватен приход има две задачи, едниот е дека родителите треба да бидат вклучени во преквалификација, доквалификацијаи да се вклучат на пазар на труд, а децата треба да бидат на училиште и да не бидат на улица. Затоа, ако видовте, тимовите кои работат со деца на улица сега интензивно ги попишуваат сите деца коишто ги идентификуваме на улица. Во моментот кога ќе добиваат образовен и детски додаток нема да смеат семејствата да ги изнесуваат децата на улица и тоа ќе биде исклучително забрането. Ние ќе се трудиме да ги поддржиме семејствата најдобро што може и да им објасниме дека сега државата трансферира пари, не даваме трошки, туку даваме голема сума на пари кон овие семејства, со цел родителите да ги извлечеме од сиромаштија преку работа, а децата преку тоа што ќе ги образоваме и преку тоа што ќе ги вклучиме во општеството.
Најавено е уште едно зголемување на минималната плата која треба да изнесува 13 илјади денари. Но има посочувања од некои работници дека ја враќаат платата назад во плико кај работодавачите. Како да се спречат злоупотребите со минималната плата и со 13-та плата и имате ли податоци за колкав број на случаи станува збор?
Имаше интензивна анализа од страна на Државниот инспекторат за труд која што покажа дека навистина е намален бројот на неисплата на К-15, затоа што во 2018 многу беше поголем бројот на граѓани или работници коишто не добиле К-15, додека во 2019 година Инспекторатот за труд точно влезе во компаниите коишто се ризични да не исплатат К-15 и добивме поголемо задоволство кај работниците, дури и самите здруженија на граѓани коишто ја следат работата на компаниите и како се прекршуваат работничките права, тие излегоа дека -Да, апсолутно бројот на неисплатен К-15 е помала и дека работничките права се унапредуваат. Дека предизвици постојат, постојат. Дека Државниот инспекторат за труд треба да го зголеми својот капацитет, тоа е апсолутно така и ние во Влада го разговараме истото ова прашање дека Инспекторатот за труд мора да претрпе одредени преструктурирања внатре од една страна, но и дополнителни инспектори, а инспектор не се создава за една година, тие со искуство минимум пет години во системот итн., за да сме сигурни дека испораката и работата на инспекторите е квалитетна за да може да добиеме и сигурни извештаи од терен.
Целото интервју со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.