Достапни линкови

Хакерски напад на вебот на МОН, од Министерството тврдат дека нема опасност за податоците


Принтскрин од хакираната веб страница на МОН
Принтскрин од хакираната веб страница на МОН

По информацијата дека е извршен хакерски напад врз интернет страницата на Министерството за образование и наука, од ресорното министерство тврдат дека хакерскиот напад не нанел никаква штета бидејќи на веб страната не постојат заднински бази на податоци

Веб страницата на Министерството за образование беше цел на хакерски напад. Неколку часа на веб страницата на ова министерство стоеше пораката „Хакирано од грчкиот хакерски тим Netwatchers“. Поради нападот не се отвораше ниту една потстраница на овој сајт, додека сите објавени линкови водеа кон Јутјуб видео со наслов „Позната Македонија “ (Famous Macedonia).

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.

Од ресорното министерство за радио Слободна Европа велат дека се во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите.

„Во меѓувреме ИТ службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана. Нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер“, ни одговорија од МОН.

И пред два дена друга група на социјалната платформа Твитер се закани дека упаднала во веб страницата на Министерството за образование и наука и се закани дека ќе ги преземе податоците доколку на веб страницата не биде поставено бугарското знаме.


Но и покрај ваквата закана, тогаш веб страницата на Министерството функционираше без проблем.

Инаку ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не беше достапен вебсајтот на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во февруари годинава, веб страните на министерствата за образование, за надворешни работи, на Влада, како и на Народната банка беа „жртви“ на хакерски напади, од луѓе кои на социјалната мрежа Твитер се преставуваа дека се дел од грчка хакерска група „Моќна грчка армија“.

МОН тогаш тврдеше дека станува збор за лажни вести, односно дека нивната веб страна не била жртва на хакерски напади, дека си функционира без прекин и дека снимките што тогаш преку Твитер беа објавени за наводен упад на хакери од Грција, не се од просториите на објектот на Mинистерството.

Лани веб страната на Државниот завод за статистика и системот за попишување биле цел на хакерски напади и за нив беше отворена истрага.

Во 2020 година сајтот и меил системот на Министерството за здравство беше хакирано, а во октомври 2021 година од системот на Вакцинација.мк неколку хакери објавија дека си извадиле важечки ковид сертификати, иако не примиле вакцина.

Пред две години за прв пат жртва на хакерски напади беше и апликацијата на Државната изборна комисија за време на изборен процес при што се откри дека во институцијата само еден човек бил задолжен за овој сектор.

Веб страната на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk беше цел на хакерски напад на само две недели пред тие избори на 28 јуни. Нападот тогаш бил согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб страната и е веднаш пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР.

Во тој период хакерската група Анонимуси.mk презеде одговорност за сајбер нападите на Министерството за образование и наука и на Министерството за здравство. Дополнително интернет страницата на МОН беше недостапна кога беа објавени резултатите за студентските стипендии за академската 2020/2021 година. Со тоа беа оневозможени студентите кои се стекнале со правото на користење студентска стипендија да си ги симнат потребните документи за да потпишат договор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG