Достапни линкови

Тунис, државен удар или „спасување“ на демократијата?


Кризата во Тунис прерасна во жестоки улични конфронтации
Кризата во Тунис прерасна во жестоки улични конфронтации

Тунис се соочува со најголемата криза на демократијата во последната деценија откако претседателот Каис Саид ја распушти владата и го суспендираше парламентот со помош на армијата. Овој потег е осуден како државен удар од најголемите партии во земјата, вклучително и исламистите.

Тунискиот претседател Каис Саид нареди од денеска да се суспендира работата на централните администрации, странските институции, локалните групи и јавните институции на два дена, со можност за продолжување на периодот.

Наредбата исклучува: агенти на внатрешните безбедносни сили, воен персонал, царински агенти, оние кои работат во јавни здравствени установи и образовни институции кои подлежат на посебни аранжмани, соопштено е од кабинетот на претседателот.

По долги немири и протести, ќе има смени во Владата на Тунис

Акцијата на Саид уследи по неколкумесечниот ќорсокак и споровите што ги спротивставија премиерот Хихем Мечичи и парламентот, откако Тунис падна во економска криза, влошена од ковид-19.

Кризата прерасна во жестоки улични конфронтации, бидејќи критичарите на Саид, вклучително и исламистите, предупредуваат дека тој го загрозува демократскиот систем воведен по бунтот на Арапската пролет во 2011 година.

Саид се повика на итните овластувања што ги имал според Уставот за да го разреши Мечичи и да го суспендира парламентот за 30 дена.

Откако спикерот на парламентот повика на протести, Саид ги прошири постојните ограничувања за движење поради ковид-19 и вети дека на секое насилно спротивставување ќе биде возвратено со сила. Тој ги отфрли обвинувањата за државен удар.

Белата куќа соопшти дека се уште не утврдила дали постапките на Саид претставуваат државен удар. Сепак, Стејт департментот ги предупреди политичките чинители во Тунис да не ги „расипуваат своите демократски придобивки“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, телефонски разговарал со претседателот на Тунис Каис Саид, за да го повика да ја почитува демократијата, соопшти Стејт департмент.

Ердоган во ненајавена посета на Тунис за решавање на состојбите во Либија

Тој исто така побарал од Саид да одржи отворен дијалог со сите политички фактори, додавајќи дека Соединетите држави ќе продолжат да ја следат ситуацијата и ќе останат ангажирани.

Безбедносните сили се судрија со демонстрантите за време на антивладините протести во Тунис
Безбедносните сили се судрија со демонстрантите за време на антивладините протести во Тунис

Претходно и Обединетите нации повикаа на смирување на ситуацијата. Фархан Хак, портпарол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, ги повика сите страни „да се воздржат од насилство и да обезбедат ситуацијата да остане мирна“.

„Сите спорови и несогласувања треба да се решат преку дијалог“, рече Хак. Тој одби да коментира дали Обединетите нации ја сметаат ситуацијата во Тунис како обид за пуч.

Со таква оценка излегоа од најголемата политичка партија во Тунис, исламистички инспирираната Енахда.

Немирите предизвикаа распоредување воени трупи за заштита на официјалните згради во главниот град на северноафриканската земја.

Наредбата на Саид следеше по големите демонстрации против владата, поддржана од Енахда.

Војниците го блокираа собранието и ја опколија зградата на владата во Тунис, додека групите од стотици приврзаници на претседателот и Енахда беа соочени, гаѓајќи се едни со други со камења.

Најмалку едно лице било повредено. Рахед Ганучи, спикерот на парламентот и лидер на Енахда, се обиде да влезе во зградата на парламентот, но беше блокиран од приврзаниците на претседателот. Ганучи одговори со протест со седење заедно со лојалистите на Енахда.

Претседателот на Тунис Саид, поранешен професор по право и независен политичар, изјави дека неговите мерки се насочени кон „спасување“ на Тунис. „Ги доживуваме најделикатните моменти во историјата на Тунис, но тие се и најопасни “, рече тој.

Потезите на Саид претставуваат најголем предизвик за демократскиот систем што Тунис го воведе по револуцијата во 2011 година, која ги предизвика востанијата во другите земји на Блискиот исток во таканаречената Арапска пролет.

На Тунис се гледаше како на единствената успешна приказна на востанијата од Арапската пролет, но политичката промена не доведе до стабилност ниту економска, ниту политичка.

Професор против затвореник на претседателските избори во Тунис

Неодамнешниот скок на случаи со коронавирус дополнително ја зголеми долгогодишна фрустрација кај јавноста. Министерот за здравство беше разрешен минатата недела.

Партијата Енахда е најуспешна политичка група од 2011 година, но демонстрантите на протестите на 25 јули го насочија својот гнев и против неа.

Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата што се обиде да упадне во седиштето на партијата.

Саид и парламентот беа избрани на одделни избори во 2019 година, додека Мечичи ја презеде функцијата во минатото лето. Саид вети дека ќе изврши ремонт на политичкиот систем зафатен со корупција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG