Достапни линкови

Трамп од Белата куќа: можеби сум имун на ковид-19


Претседателот на САД Доналд Трамп по враќањето во Белата куќа, Вашингтон, 05.10.2020.
Претседателот на САД Доналд Трамп по враќањето во Белата куќа, Вашингтон, 05.10.2020.

Претседателот на САД Доналд Трамп им порача на Американците да не се плашат од коронавирусот откако ја напушти болницата во предградието на Вашингтон, каде што три дена се лекуваше од ковид-19 и се врати во Белата куќа.

Трамп ги повика Американците да не дозволуваат коронавирусот да им го владее животот и рече дека земјата ќе го победи со „најдобрите лекови“ и вакцини.

„Научив многу за коронавирусот и едно е сигурно, не дозволувајте да доминира, не плашете се од него. Ќе го победиме“, изјави Трамп во видеото што го објави на Твитер откако се врати во Белата куќа.

Трамп - тешко е да се каже не се приближувај
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:29 0:00

Тој, наведувајќи дека можеби е имун на коронавирус рече дека не се чувствувал добро пред да замине во болница на 2 октомври, но додаде дека по само еден ден таму се чувствувал доволно добро и дека уште тогаш можел да се врати во Белата куќа.

Лекарот на Белата куќа Шон Конли претходно изјави дека Трамп останува и натаму инфициран и потврди дека сè уштe примал дексаметазон и ремедисивир.

Дебата Трамп - Бајден: Загреана реторика и лични напади од почеток до крај

Трамп, кој мораше да одложи неколку настани во предизборната кампања откако беше позитивен на коронавирус, вети дека наскоро ќе се врати во изборната трка.

Болеста на Трамп не само што му зададе удар на неговата кампања, туку го стави во центарот на вниманието на пандемијата, како и неговите оценките за минимизирање на сериозноста на коронавирусот, од кој починаа повеќе од 210.000 Американци, вклучувајќи и над 2.000 кои починаа додека тој беше во болница.

Ривалот на Трамп во претседателската трка, поранешниот потпретседател Џо Бајден изјави дека не е изненаден што Трамп бил инфициран со ковид-19. Бајден додаде дека е среќен што Трамп заздравува, но наведе дека загриженоста останува .

„Двесте и десет илјади луѓе починаа. Се надевам дека никој нема да замине со пораката дека тоа не е проблем“.

Бајден изрази надеж дека Трамп ќе му соопшти на американскиот народ оти „маските се важни“.

Враќањето на Трамп дојде откако секретарот за печат на Белата куќа, Кејли Мекенани соопшти дека била позитивна на тестот за коронавирус, но оти немала симптоми.

Неколку американски медиуми објавија дека кај голем број други вработени во Белата куќа исто така било потврдено оти биле заразени со коронавирус.

Трамп во болница, коронавирусот се шири во Републиканската партија

Многумина други политичари и официјални лица кои присуствуваа на церемонијата на 26 септември, на која Трамп беше домаќин во Белата куќа за да ја номинира судијката Ејми Кони Барет за Врховниот суд, оттогаш објавија дека биле позитивни на коронавирус.

Голем дел од присутните не носеа маски и не држеа физичко растојание.

Во меѓувреме, дваесет и шест земји повикаа на итно укинување на санкциите од страна на Соединетите држави и другите западни земји за да се олесни реакцијата на овие земјите на пандемијата на коронавирусот.

Повикот за укинување на санкциите го иницираше Кина на состанокот на комитетот за човекови права на Генералното собрание на ОН на 5 октомври.

„Глобалната солидарност и меѓународната соработка се најмоќното оружје во борбата и надминувањето на опасноста од ковид-19“, се вели во заедничката изјава на 26-те земји.

Меѓу земјите кои ја поддржаа изјавата беа Иран, Русија, Сирија и други кои се соочуваат со повеќе санкции од страна на САД, Европската унија или други западни нации.

Во соопштението се забележува дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и шефицата на Високиот комесаријат за човекови права Мишел Бачелет, повикаа на откажување од санкциите, бидејќи го поткопуваат капацитетот на земјите да одговорат на пандемијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG