Достапни линкови

Тони Попов, уметник: Да ги оставиме децата да сонуваат


Од работилниците за проектот „Маргини“ на здружението „Тактус“
Од работилниците за проектот „Маргини“ на здружението „Тактус“

Со сликарски работилници во основните училишта во општина Дебрца минатата недела започна четири месечниот проект „Маргини“ на уметникот Тони Попов и здружението „Тактус“ од Охрид. Неговата цел е да ја доближи уметноста до луѓето, посебно до оние на кои таа им е најчесто недостапна.

Тони Попов е уметник во вистинскиот смисол на зборот. Самоук сликар чии дела досега се претставени и се продаваат во 15-на земји во светот. Автор на две збирки поезија и бројни хаику песни, учесник на „Ноќите без интерпункција“ на Струшките вечери на поезија. Потписник на краткиот документарен филм „The orphan painter“, снимен пред нецела деценија во продукција на организацијата „Моменти“ од Шарлот, САД и гостин-уметник на ГлоАрт во Неехарен, Белгија и во Толне ГГГ, Синдал, Данска... И, најмногу од се Тони е хуман човек. Еден од оние што својата уметност милува да ја споделува со сите и најмногу со оние на кои им е тешко достапна и кој често знае да каже по одржаните работилници дека „топлиот прием, креативната атмосфера и радоста на децата не ја собира во ниту една фотографија на светов“.

Актуелниот негов творечки и повеќе хуманистички изблик е насловен „Маргини“ и ќе се одвива во претстојните четири месеци во основните училишта во општина Дебрца.

Попов од каде потребата и како настана проектот „Маргини“ на Здружението „Тактус“ од Охрид?

„Маргини“ како идеја го имаме од лани, меѓутоа сега имавме шанса да го реализираме и за тоа многу се радувам. Кај нас во Македонија, повеќето настани се случуваат во Скопје или барем во поголемите градови. Така, малите места остануваат на маргините. Затоа што една од целите на нашето здружение е да ја доближи уметноста до секого, ние решивме да направиме нешто баш во таква мала средина.

Во овој проект, за децата обезбедивме штафелаи, платна, бои и сите останати материјали потребни за сликање. На крајот на проектот, штафелаите ќе бидат подарени на училиштата.

Проектов ги опфаќа сите деца од основните училишта од општина Дебрца, односно вкупно околу 200 деца.

За овој проект соработуваме со Општина Дебрца и ООУ „Дебрца“, а финансиски средства обезбедивме преку нашите пријатели од Норвешка, организацијата “Ny Start I Ost”.

Што е во суштина целта на проектот?

Најважното нешто во ова што го правиме е да ги ставиме во фокус децата од руралните средини, да им дадеме можност да ја изразат својата креативност и да им дадеме до знаење дека она што ќе го направат или ќе го кажат навистина вреди.

Свесен сум дека ние овде имаме многу проблеми и дека колку и да сакаме, не можеме да ги решиме сите. Меѓутоа, ние го правиме она што можеме, она што го знаеме и го правиме тоа со сета своја сила и со цело срце.

На овие работилници, децата имаат престилки, сликаат на платно, тоа платно е поставено на штафелај и целата таа поставка нив многу им значи, затоа што тоа не е нешто кое го гледаат секојдневно. Исто така, на крајот, тие имаат свое уметничко дело кое ќе го однесат дома. И сето тоа е добро и сето тоа е споредно. Во суштина, ние креираме сцена на која ќе можеме на децата кои се таму да им дадеме аплауз, да им кажеме „браво“.

Јас се водам по ова: ако макар и на едно дете, макар и на еден саат успеам да му донесам радост, тогаш сме успеале. Тогаш целиот овој труд вреди.

Тони Попов, автопортрет

Како поминаа првите работилници одржани во селата Горенци и Оровник и како е планирано да се развива проектот „Маргини“?

Првите работилници поминаа добро. Убаво. Преубаво. Јас и очекував добар прием и од децата и од наставниците, меѓутоа да се биде таму и да се почувствува таа детска енергија и радост – тоа е нешто чудесно. На пример, на крајот од една работилница, едно девојче не беше задоволно од својата слика. Ја поканив напред, да им ја покаже на другарчињата и да ги праша што мислат. Другарчињата, нормално, и кажаа дека сликата и е добра, преубава и девојчето беше среќно.

Да се даде можност на другите, да се охрабри некој, да се утеши - тоа е она што е најзначајно и многу се радувам кога тоа го гледам.

На овие работилници, мене не ми е важно кој каква слика ќе направи. Тоа не е натпревар, мене сите слики направени таму ми се убави. Ние возрасните знаеме да гледаме низ таа призма: ова дете има талент, она дете има потенцијал и слично. Сето тоа се само наши перцепции. Циркус.

На нашиве деца им треба многу малку за да бидат задоволни. Да не им го крадеме тоа, да ги оставиме да сонуваат.

Следно, продолжуваме со сликарските работилници во сите основни училишта од општина Дебрца, а некаде на крајот на мај, како што им кажувам на децата: ќе имаме изложба и ќе се правиме важни.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG