Професор, самосвесен визуелен уметник, слободоумен ловец на ехото на иднината, борец за сегашноста оти, нели, „уметникот не треба и не смее конечно да остане имун на (не)приликите и случувањата околу него“, дека секогаш треба гласно да реагира, да говори и активно да се бори за промени кон подобро... Ете вака во неколку реда е суштествената слика за Страхил М. Петровски, кој во годиниве наназад со своето творештво со леснотија ги надмина локалните, па ако сакате и регионалните рамки и стреми упорно и постојано кон не освоените творечки пространства. И, згора на тоа може да се забележи дека тој зад себе има десеттина самостојни изложби во земјава и во странство, во метрополи како Виена, Париз, Њујорк..., неговите дела се наоѓаат во музејски збирки, јавни институции и приватни колекции по светот, и дека е добитник е на неколку значајни награди и признанија од кои посебно значајни се „Димитар Кондовски“, „Константин Мазев – Коце“ за сликарство... и наградата – „Гран при“ од штотуку завршениот 19 „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Разговорот подолу е правен во една душа и во пресрет на годината во која пред Страхил М. Петревски се исправаат бројни творечки предизвици и средби со ликовната публика и културната јавност. Во времево во кое тој со сета храброст и инает, со сета своја имагинација и ангажираност, ќе се обиде да не увери дека сепак се стига до недостижното. И дека само така, најмалку со молчење, ќе го одбраниме личното творечко јас и идентитетот што како крст сите со себе си го носиме.
На актуелното 19 издание на „Зимски салон“ на ДЛУМ бевте добитник на единствената награда – „Гран при“. По временска дистанца од само неколку дена, недела... и стивнување на првичните емоции, што е она што како мисла, па ако сакате и обврска го чувствувате од добивањето на ова високо признание. Што значи за вас како творец оваа награда?
- Најпрвин, во оваа пригода, би сакал да се заблагодарам на Друштвото на ликовните уметници на Македонија и особено на годинешната селекторка на 19 издание на Зимскиот салон, г-ѓа Анка Боериу, професорка од Националниот универзитет за уметности во Букурешт, Романија, која одлучи моето дело во конкуренција од 42 автори, да влезе во потесен избор и да биде наградено со престижната и единствена награда Гран при. Секако, тоа за мене претставува голема чест и одговорност, обврска, но и мотив повеќе за понатамошни визуелни остварувања во доменот на уметноста. Во принцип не сум автор кој ги брка наградите, за мене многу поважно од самата награда е делото да допре до публиката, да продолжи да живее понатаму, да ја пренесе мојата емоција, мисла и порака, пред се*.
Вашето дело „Лимитиран свет“ во комбинирана техника панел/видео, според кураторката, беше издвоено како едно од оние кои се издвоија најмногу и понудија лично толкување на темата „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“. Како Вие нурнавте во себе и од таму на виделина го извадивте одговорот? Каква порака се обидовте да и пренесете на публиката? Колку таа ја содржи мачнината на времето во кое живееме. Или „живуркаме“. ?
- Поаѓајќи од сопственото наталожено искуство како автор, а сублимирајќи ги досегашните лични и колективни истражувања во однос на темата и ставот за импактот на колективната и особено лична одговорност (изгубена во лавиринтите на обременетата динамична и конфузна денешнина во секоја смисла на зборот...), произлезе и самата идеја на делото “Лимитиран свет”.
Впрочем, во самото дело јас гласно размислувам и ги поставувам тие прашања кои ме преокупираат подолго време, (преку текстот кој е аплициран врз црното кадифе на двата панели и видеото централно поставено со глава на дете која ротира во недоглед и повремено се губи...) ни носи една јасна порака, која и покрај тоа што недвосмислено не упатува на една мачна сегашност и несигурна иднина за сите нас, особено за младите генерации кои доаѓаат, сепак остава простор за понатамошни толкувања, размисли и прашања на кои допрва треба да го дадеме одговорот. Затоа сметам дека уметникот не треба и не смее конечно да остане имун на (не)приликите и случувањата околу него. Секогаш треба гласно да реагира, да говори и активно да се бори за промени кон подобро. Со своите дела и уметност континуирано активистички да делува, да укажува и критикува во однос на сите општествени промени кои се случуваат. И впрочем, што може уметникот/уметноста да промени во сегашниот контекст, освен да поставува прашања, да нуди визуелни претстави што би поттикнале надеж за решенија на проблемите? Дали ни претстои светла иднина во овој хаос кој несомнено го живееме сите? Останува да видиме, веројатно времето ќе покаже...
Од друга страна колку „Лимитиран свет“ во некоја рака е вистински пример за вашето рецентно творештво, на вашиот творечки јазик? Каде се обидувате да исчекорите? Со какви се медиуми се користите? На кои поставени задачи да си одговорите? Сеуште ли ја крепите идејата кажана во една прилика дека сакате да ги комбинирате „условно кажано неспоивите работи“ како на пример фотографијата или видеото со апстрактното сликарство што го негувате?
- Уметничкиот израз или стил не се гради преку ноќ. Напротив. Се гради и надградува. За тоа се потребни години напорна работа и наобразба, истражување, експериментирање, но она што е најважно според мене е енергијата, искреноста и доследноста во пристапот кон сопственото творештво. За тоа говорат и многубројните изложби кои ги реализирав во изминатите години во земјата и странство. Скоро никогаш во мојата досегашна уметничка пракса, години наназад, не се врзував за одреден медиум кој ќе ми биде примарен. Бргу се заситував и затоа настојував секогаш да направам исчекор напред, да излезам од таа комфорна зона и да одговорам на новите предизвици и цели кои си ги поставував пред себе. Тоа секако дека се рефлектира и се препознава во моето творештво. Во зависност од идејата и пораката која сакам да и ја пренесам на публиката ги одбирам и медиумите и материјалите за реализација на делата и на изложбите. Но, покрај нив секогаш му се враќам на сликарството кое го негувам како моја прва љубов и определба, или истото е во корелација со новите медиуми кои ги користам. Особено, во последните години од моето творештво и во делата со кои сум присутен на ликовната сцена. Во нив најчесто провејуваат наративи поврзани со човекот како индивидуа, презентирани преку видео или фотографија, објекти, инсталација... Мисли врзани со неговиот опстанок и егзистенција. Истражувања во однос на заборавените вредности, слободата... Напредокот наспроти цензурата, автоцензурата, кои се спротивставуваат на првичните принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото.
Колку притоа во творештвото може да се остане исправен и да не се витка рбетот? Единствено свој. Да не се подлегнува на надворешни дразби и се некакви игри?
- Се трудам колку што е можно во вакви услови да останам нормален и свој, да се „изолирам“ и неуморно да творам во своето студио. Да им се предадам на новите идеи и проекти и воедно да не подлегнувам на разноразни перфидни игри и шизофрени ситуации кои ни се случуваат секојдневно. А нив, отсекогаш ги имало и ќе ги има! Нормално дека нема да дозволам сето тоа да ме поколеба и да му наштети на моето творештво и креативност. Ниту како на автор и човек пред се*. За сето она што досега сум го постигнал единствено сум се потпирал само на себе и на сопствената уметност. Она што го носите во себе никој не може да ви го земе! Само можеби е потребно повеќе време работите да се искристализираат и да си дојдат на свое место. Од досегашното мое лично искуство и од она што е личен мој креативен потенцијал, мислам дека првенствено љубовта и посветеноста кон професијата и континуитетот во она што го работам веќе 25 години како визуелен уметник, се на некој начин основни предуслови за да се движам напред и да останам свој на своето. Без разлика на околностите и приликите во кои работам и создавам.
Наградата зад која стои Министерството за култура ве води на едномесечен творечки престој во ателјето „Citè des Arts“ во Париз, Франција. Иако е веројатно рано, но што очекувате Вие од него и колку притоа присуството и можноста да се работи во градот на уметноста може да биде убаво искуство во однос на авторските исчекори? Да се смени или нијансира светогледот или да се научат, пробаат нови практики во делувањето. Да се стори пожелуваната средба со креативниот свет.
- Последните две години едноставно светот запре, се откажаа многу закажани изложби, настани и гостувања надвор од државата, вклучително и мои проекти кои ќе почекаат да се реализираат во иднина. Јас искрено се надевам дека оваа хаварија што ни се случи на глобално ниво ќе има крај и дека повторно ќе се вратиме во колосек во една „нова нормалност или нова реалност“. Моето последно претставување во Париз се случи во 2018 година со изложбата „Урбани еха“ која имаше одличен прием кај публиката и од која навистина носам прекрасни спомени. Секогаш е убаво чувството кога имате можност да престојувате подолг период надвор од државата и воедно да изложувате, таму доживувате едно ново искуство, имате комуникација со уметници од целиот свет, од која произлегуваат многу нови контакти и пријателства понатаму. Меѓународните изложби секако се од голема важност и даваат една убава можност да се претставите со својата уметност и да се испитате себе си до каде сте со сопствената мисла и творештво, во однос на она што го нуди актуелната уметничка сцена.
И, кога сме веќе тука, како некој кој имал можност сопственото творештво да го исправи стамено пред глобалната понуда, да патува и да изложува надвор од регионот, сметате ли дека ќе имате сила засилено (и покрај сите катадневни обврски како визуелен уметник, универзитетски професор, насловен доцент, советник конзерватор и реставратор и најмногу родител) да продолжите кон новите предизвици кои не подразбираат ограничувачки просторни ниту временски рамки?
- Јас катадневно наоѓам и сила и време максимално да им се посветам на сите овие обврски кои ги наброивте. Понекогаш е навистина напорно да се искоординираат меѓу себе, но сепак се трудам да балансирам и да најдам начин како да се организирам и одговорно да ги извршувам задачите и обврските. Нормално е во одредени моменти да се појават потешкотии и проблеми од секаков вид, но со текот на времето а веројатно со годините и искуството полесно ги надминувам истите. Несомнено, ја имам целосната поддршка и од семејството кое постојано ме следи и активно е вклучено во сите сфери на моето делување и во уметноста пред се*.
Како, уметник каде во актуелниот момент ги гледате сопственото и македонското современо визуелно творештво? Успеваме ли да држиме чекор со Европа и со светот?
- Не би сакал да бидам погрешно сфатен, но за жал, многу каскаме и сме светлосни години назад во однос на она што значи вистинска култура во секоја смисла на зборот. Имам впечаток (што не мора да значи дека сум во право?) дека многу тешко може да држиме чекор со Европа и со светот ако сакате, иако се трудиме. Секоја чест на исклучоците, навистина ги има да не се лажеме (поединци и институции од уметноста), кои навистина се квалитетни, докажани и вложуваат вистински напори нешто да се смени/ат во насока на подобрување на културните политики и практики, но за жал во целина состојбите на сите ни се добро познати и не мрдаат од мртва точка. И тоа со децении наназад. Во прашање се само нијанси... Меѓутоа од друга страна сметам дека во општество каде постојано ни се случуваат катаклизмични промени, уметноста и културата генерално, останаа на маргините. Постојано говориме дека уметноста би требало да е коректив на општеството, но дали навистина успеваме во тоа?! Јас не можам да бидам сигурен во тоа.
Колку притоа постои свест во нашето општество, посебно во овие времиња на загрозен идентитет, дека уметноста и културата, односно уметниците, се вистинските градители на мостови ? На нашата сегашност и уште повеќе иднина. До кога, според вас, културата ќе биде единствено монета за поткусурување?
- Евидентно е, дека ние како општество се уште немаме развиено систем на вредности. Се* е обезвреднето, обезличено и тотално без критериум. Културата ни е на стаклени нозе. Уметникот и уметноста уште повеќе! Јас како уметник, а веројатно и повеќето мои колеги со кои комуницирам, сум или сме на истиот став дека навистина е тешко да зборуваме за некаква си стабилност во културата. Посебно во услови на глобална криза и во една сиромашна земја каде владеат медиокритети. Каде што очигледно се* е поставено погрешно уште од самиот почеток. Каде што се нема свест за културата и уметноста, за културното наследство, образованието... Многу погрешни политики, погрешни чекори, секакви стратегии ... каде личното е пред колективното, површноста наспроти професионалноста. Каде неписменоста ни е на највисоко ниво. Каде владее една општа хипокризија и што ли уште не... Да не набројувам повеќе. Впрочем „сите“ сме сведоци на тоа, па оттука се поставува прашањето што и како понатаму? Лично сметам дека навистина е крајно време, многу сериозно и под итно да почнеме системски да ги решаваме наталожените проблеми во сите сфери на општеството. Да ги редефинираме работите и да ги поставиме на здрави темели. Па откако тоа ќе го сториме, дури тогаш да зборуваме за иднината која ни претстои. И повторно ќе кажам, во однос на културата не смее да постојат ама баш никакви дилеми и калкулации. Напротив. Таа би требало и мора да е вистински репрезент и столб во државата, да зближува и обединува.
И, што по ваквото признание? Не сте човек што долго ќе живее на убавите зборови, туку верувам дека уште од истиот момент продолжувате со од поодамна зацртаната агенда за нови средби со ликовната публика и културната јавност? Кога да ве очекуваме со новите дела и концепти?
- Навистина не сум човек кој единствено се потпира на убави зборови (иако значат) и пофалби. Удирања по раменици. Се разбира си имам планови и упорно се движам кон новите предизвици. Ми претстои многу работа. Една напорна година e пред мене, исполнета со нови проекти, изложби кои допрва треба да се реализираат. Во меѓувреме се објави и Конкурсот од Министерството за култура каде, покрај наградата за престојот во Париз, одобрени ми се два проекти / самостојни изложби - едната во организација на Музеј на град Скопје, а другата во Музејот на Современа уметност. Згора на тоа учесник сум и на една меѓународна изложба со група македонски автори во Њујорк. Меѓутоа во зависност од висината на доделените финансиски средства, ќе зависат и приоритетите во однос на тоа кои проекти со сите сили ќе се трудам да ги реализирам во тековната година.