Солески со своите видувања кон она што значи неолитско живеење, преку играта со светлината и изборот на различните камени основи не препушта да си создадеме слика за она што човекот го поврзува, а тоа се суштинските три елементи неопходни за нашето постоење: Земја, Вода и Сонце. Култот на неолитскиот човек кон овие три елементи ја покажува неговата духовност и цивилизациска надградба. Со овој проект Солески уште еднаш ги потврдува своите високоуметнички вредности преку кои нам , а и на идните генерации, им ги наметнува прашањата за и околу нашето постоење на оваа грутка. Но не само тоа, ги отвора и прашањата за нашата (не)грижа околу бројните локалитети чувари на нашиот континуитет.
Ова меѓу другото ќе го напише професорот и писател Никола Јованоски во текстот посветен на актуелниот мултимедијален проект „Керамикум во мермер“ на македонскиот уметник, скулпторот Емил Солески кој оваа сабота, на 24 септември, од 11 до 13 часот ќе биде премиерно претставен во Неолитскиот локалитет – Залив на коските, во Охрид. Проектот се состои од воведно предавање, проекција на филмот „Желбеници“ и од изложба на скулптури, односно Неолитско село од „Желбеници“. Во неговиот фокус е куќата -Желбеник како трансцедентен објект на субјективното доживување, односно „куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат бројни вредности, тенденции и принципи“, како што забележува уметникот.
Роден 1969 година во Прилеп, Емил Солески студирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, отсек вајарство во класата на проф. Бранко Конески и конзервација и реставрација кај проф. Благоја Кузмановски. Дипломирал во 2002 под менторство на проф. Жарко Башески, а првата самостојна изложба „Ритам“ ја одржал во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“ во 2002 година.
Истата година со „Прогресија“ се претставил во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, следната година со „Корија“ ја предизвикал културната јавност во Чифте амамот во родниот град и потем крушевчани во галеријата „Никола Мартиновски“, во 2007 го понудил проектот „Птица“, три години подоцна „Скици“ во споменикот „Илинден“ во Крушево. Таму во 2014 во Центарот за култура „Наум Наумовски – Борче“ ја изложил „Слива“, во 2017-та пред прилепчани „Момент“, а во 2019 својата поставка „Музички орнаменти“ најнапред ја претставил во Куманово, а потоа во Кичево.
Учесник е и на повеќе групни изложби во земјава и во странство, а автор е и на неколку монументални скулптури: Бисти на народните херои – Могила на непобедените и оние на Пере Тошев и Пеце Атанасовски поставени во Прилеп.
Работи како професор по Ликовна уметност и Културно-историско наследство во Крушево, а живее и твори во Прилеп.
Солески од каде идејата и потребата за еден ваков проект каков што „Керамикум во мермер“ ?
- Проектот „Керамикум во мермер“ се појави како идеја во „скица-последица“, или подобро речено, како спој на мојата вокација и професија, скулптор, конзерватор реставратор и професор по Ликовна уметност и Културно-историско наследство. Мултимедијалниот израз се наметна во едно време, невреме...кога во фокус ја ставив куќата–ЖЕЛБЕНИК, скулптурално-архитектонски, трансцедентен објект на субјективното доживување за едно време, а можеби и невреме Керамикум.....Неолит.....Младо камено време. Проучувајќи ги материјалните извори од македонскиот неолитот, во својата фантазија се вратив во минатото обработуваќи тема изгубена од хоризонтот но никако изгубена од видокругот на археолозите.
Потребата за еден ваков мултимедијален проектот ја пронајдов во духовната култура на овој период, од кој се регистрирани 200 неолитски локалитети, и желбата за афирмација на недоволно експонираните и за жал тешко достапни (од различни причини) неолитски локалитети. Со својата трошност оставени на забот на времето, да станат видливи за нас и институциите, да добијат тежина и значење што го заслужува култура која илјадници години опстоела на овие простори. Да ги поддржам напорите на археолозите да отворат едно богато, атрактивно, но недоволно истражено поглавје на културниот живот на нашите простори. Со милтимедијалнот израз, локалтетите од македонскиот неолит, ќе ги ставам во видокругот на сегашните и идни туристички работници, со што ќе се збогати туристичката мапа и интерес како кај нас, така и во светски рамки.
Каква порака со него во времето пред нас испраќа скулпторот, уметникот Солески? - Пораката се содржи во куќата–ЖЕЛБЕНИК, која архитектонски, како појава од времето на Неолитот, го манифестира идентитетот на домаќинството. Во неа и околу неа се одвиваат мноштво социјални и симболички процеси кои ја определуваат како комплексна целина, центар во кој се дефинираат бројни вредности, тенденции и принципи. Релјефните, едноставни линеарни „мнемички декорации“ на ЖЕЛБЕНИЦИТЕ, инспирирани од неолитските „решки“ (пра-писмо) кои од одреден агол се претвораат во антропоморфни петроглифски прикази, се ехо што треба да не води по патот на природните текови зацртани од Мајката-Земја. Во самиот концепт на проектот „Керамикум во мермер“ имав за цел да го потенцирам исклучителното значење на трите елементи: земја, вода, сонце, предуслов за благосостојба и културен подем. Во краткиот филм, насловен „ЖЕЛБЕНИЦИ“, се инсценирани неолитски села во локалитетите: Врбјанска чукај, Заливот на коските, Велушка тумба, Церје, Барутница со што направив визуелен запис и звучно доживување од едно друго време.
Зошто за претставување на овој уникатен мултимедијален проект беше одбран неолитскиот локалитет Заливот на коските во Охрид? Ќе може ли „Керамикум во мермер“ да биде презентиран и на други слични локалитетит во и надвор од Македонија?
- Неолитскиот локалитет Заливот на коските во Охрид, како туристичко место, со своето природно опкружување и реконструираните наколни надводни живеалишта се една од причините зошто го одбрав овој локалитет за мојата прва презентација на проектот „Керамикум во мермер“. Другата причина е тоа што, покрај широкиот аудиториум кој е добредојден на мојата презентација, Охрид е еден од центрите каде има средно угостителско-туристичко училиште и факултетот за туризам и угостителство, што се целна група на проектот. Планирана е втора презентација за месец октомври во Музеј на Македонија во Скопје каде очекувам посета на ученици и студенти од средните и високи школи поврзани со угостителство и туризам.
За претставување на проектот надвор од нашата држава, доколку се овозможат услови, сметам дека идеални места би биле неолитските локалитети: Лепенски вир во соседна Србија или Ѓобекли Тепе во Турција