Нашиве луѓе само се караат за политика, ама се тепаат за крстот на Водици. Вчера во Штип, во Брегалница речиси без вода, две момчиња, по фрлањето на крстот, останале и се степале кој да го дофати заборавајќи изгледа дека христијанството проповеда „да се сака ближниот свој“. Но затоа во Делчево, момчето што го фатило светиот крст, Васе Панчовски, наградата телевизор ја подарил на семејство што ја немало таа „волшебна“ кутија, како што ја нарекуваат. И за него, само пофалби од посетителите на ФБ страницата на РСЕ. Вера Наунова и Темјана Василенко напишале: „Браво за делчевецот“ и „Браво за хуманистот“, а Спасе Василев, покрај пофалбата за момчето од Делчево, постирал: „БУУУУ за штипјаните“.
И потоа следуваат коментарите за политиката
Со кого ќе коалицира СДСМ, а со кого ВМРО-ДПМНЕ за претстојната изборна битка? Досегашниот премиер и лидер на социјалдемократите, Зоран Заев изјави дека неговата партија може да коалицира со сите други партии освен со ВМРО-ДПМНЕ, па Драган Бошков го постирал своето мислење: „Двете партии ќе коалицираат со терористи, само што едниве се прават патриоти, а другиве не. ДПМНЕ најголемо зло за Македонецот, да им се забрани употреба на светото име ВМРО!“, бара Бошков. Даца Цветановска Цветановска се подбива: „Со Боки 13“. Меѓу коментарите има многу непријателство и лични навреди спрема првиот човек на СДСМ и спрема Партијата, па Диме Шапкароски постирал: „Ниедна македонска партија не е со вас, изроди, предавници“, а Слободан Стојчевски Цобе смета дека „Заев гради ’пријателство‘ со сите соседи за да ја урниса Македонија“. Некој Икс Христовски цинично забележува: „Како не сака со ВМРО, па досега колку пати биле коалиција од 2001 досега, и сега се во коалиција“.
По информацијата дека „ВМРО-ДПМНЕ стартува со кампањата ’Обновата ПРЕД ВАШИОТ ДОМ‘“, на ред се коментари со друга содржина: Виктор Костов ги повикува: „Само елајте, ќе си останете пред врата“. Потпишан со Лисичани Едо ѝ забележува на опозициската партија: „ВМРО од понеделник тргнува на терен со работа, а досега кај беа? Сега ќе почнат со лаги, манипулации и други работи, досега спиеја“. Лазо Станчев, откако ѝ забележува на опозициската партија дека „не била на терен кога ѝ било најпотребно на Македонија“, со претскажување: „И овие и оние ќе бидат изненадени од резултатите на овие избори“. Некои постови очигледно се од незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Ризовски порачува: „Да си ги средите општинските комитети, не некои таму само за корист излитени фаци. Нови дечки без криминални досиеја. Оти ветераните пак нема да излезат. Вистинските ветерани, не оние што глумат лудило во Битола“. И постот на Билјана Ниниќ е со слична содржина: „Не се само во Битола. Во Скопје ги има колку сакаш шпиони и сончогледи“.
Во врска, пак, со несогласувањата меѓу двете партии за предлог-законот за Јавно обвинителство, од чие усвојување зависи дали на Македонија ќе ѝ се отвори патот за преговори со ЕУ, и изјавата на Мицкоски дека нема потреба од лидерска средба без усогласени ставови, Зулко Зуко Зекири со мислење: „Фамилии, картели и разноразни криминални здруженија во борба за превласт во нашево општество. Тука нема промени ако истите не им одговараат на неколкуте мафијашки здруженија што се нарекуваат политички партии“.