Достапни линкови

Се враќа пропагандниот дух на еден „иселеник“ од Будимпешта


Илустрација
Илустрација

Покачувањето на минималната плата за скоро 50 евра несомнено ќе им заврши работи на оние што ја примаат, но вадењето луѓе на прес-конференции да ги фалат политиките на власта многумина ги потсетува на времињата кога Македонија беше „трета најдобра економија во Европа“, а групи „задоволни граѓани“ еден по еден му изразуваа благодарност на лидерот.

Македонските иселеници почнаа да се враќаат, а може да дојде и до наплив на мигранти од Германија и од Австрија, откако Владата најави зголемување на минималната плата од 15.200 на 18 илјади денари, се шегуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Законот за зголемување на минималецот денеска ќе се најде пред пратениците, а Сојузот на синдикати на Македонија побара тие едногласно да го изгласаат.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска вчера ја посетија фирмата „Текстил Солушн“, чии вработени ќе ги искусат придобивките од договорот за покачување на минималната плата. Ковачевски рече дека фирмите ќе го дадат покачувањето, а владата ќе ги субвенционира придонесите за вработените до крајот на годинава.

За оние што ќе го добијат, покачувањето не е воопшто мало. Сепак, ѕвезда на денот беше шивачот Полико Авдиу, кој 18 години работел во Германија, а пред осум години се вратил во земјава. Вели дека и во Германија не е сè розово, и оти зголемувањето на минималната плата ќе помогне за една скромна живеачка.

Неговите фалби за владата наидоа на потсмев на социјалните мрежи. Едни велат дека не треба да се потсмеваме со луѓето кои ќе добијат покачување, но други дека токму владата е таа која се потсмева со граѓаните. На голем дел од луѓето, изјавата на Авдуи во присуство на премиерот им изгледаше како евтина пропаганда која потсетува на времето кога Македонија беше „трета најдобра економија во Европа“, а групи „задоволни граѓани“ еден по еден доаѓа на бакнирака и му изразуваа благодарност на лидерот. Можеби иселениците нема да се вратат поради покачувањето на минималната плата, но духот на барем еден „иселеник“ од Будимпешта е веќе вратен, коментираат граѓаните.

Некои се потсетија на наместените фалби и благодарности што ги добиваше поранешниот премиер Никола Груевски од различни групи „задоволни граѓани“.

Други иронично коментираат дека шивачот се вратил од Немачка, а со 18 илјади во Македонија е имачка.

Трети, пак, се шегуваат дека по радосната вест иселениците ритуално ќе ги запалат бугарските пасоши и ќе ја напуштат германската бауштела за да се вратат во родната грутка и да се радуваат на минималната плата. Покрај нашите, може да побрзаат и Германци и Австријци на привремен арбајт на југот. Само полека и еден по еден.

Некои, пак, се сомневаат дека во ова има некаква позадина. Не ѝ веруваат на владата и кога дарови носи.

ССМ бара, освен покачувањето на минималната плата, да се покачат и останатите плати согласно коефициентот на сложеност за да не дојде до урамниловка на платите. Синдикатите потсетуваат дека покачувањето на сите плати е и законска обврска.

Веднаш реагира и синдикатот на административците. Бараат покачување и на нивните плати, зашто, како што велат, администрацијата не може да биде израмнета со обичните работници. Некои граѓани коментираат дека навистина не е фер работниците да се израмнуваат со неработници вработени според партиски заслуги.

Противниците на ваквото покачување на платите велат дека оваа мерка може да затвори многу фирми.

Работодавачите се противеа и на секое претходно зголемување на минималната плата, велејќи дека ќе мора да отпуштаат работници, но невработеноста не се зголеми.

Од покачувањето на минималната плата ќе се офајдат околу 80 илјади работници, а ќе се исплаќа од март годинава. Работодавачите се противеа на зголемувањето, тврдејќи дека не се во состојба да ги исплатат парите, но на крај се договорија владата да ги субвенционира придонесите. Со предложените измени, се предвидува минималната плата да биде најмалку 57 отсто од просечната плата, а ќе се усогласува годишно во зависност од растот на просечната плата и на трошоците за живот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG