Повици за прекин на огнот пред втората рунда преговори меѓу Украина и Русија
Втората рунда разговори со цел да се стави крај на борбите треба да се одржи во западниот белоруски регион Брест, но мали се очекувањата за позитивен исход. Зеленски повика на прекин на огнот. Лавров тврди дека западните, а не руските политичари се тие кои размислуваат за нуклеарна војна.
Борел: Оваа војна треба веднаш да заврши
Европската Унија повикува на итен прекин на огнот во Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.
„Оваа војна треба веднаш да заврши. Повикувам на итен прекин на огнот и итно воспоставување хуманитарни коридори“, напиша Борел на Твитер.
„Гладни“ руски војници ограбуваат украински продавници
На снимка од безбедносни камери објавени на социјалните мрежи се гледа како руски војници во Украина грабаат храна и се обидуваат да украдат сеф. Украинските власти велат дека на руските војници им снемува гориво и храна оти имале резерви за само 3 дена, но тоа не може да се потврди независно.
Украинските преговарачи на пат кон Белорусија
Денеска околу 15 часот по средноевропско време во Белорусија ќе започнат преговорите меѓу украинската и руската делегација, најави членот на делегацијата од Киев, Дaвид Арахамиа. „Киев планира да разговара за воспоставување хуманитарни коридори пред да се префрли на други прашања“, напиша Арахамиа на Фејсбук.