Руските сили на улиците низ Харков
Руските сили влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови.
Кличко: 31 жртва и 106 ранети во руските напади во Киев
Градоначалникот на Киев, Вилати Кличко, изјави дека 31 лице загинало во главниот град во нападите на Русија додека украинските војници и граѓаните продолжуваат да се здружуваат за да се обидат да ја одбијат инвазијата. Кличко во објава на Телеграм наведе дека во текот на ноќта имало судири и престрелки во Киев.
„Русија гранатира станбени населби во главниот град на Украина. Нашата војска, силите за спроведување на законот и територијалната одбрана продолжуваат да ги откриваат и неутрализираат саботерите“, додаде тој.
Кличко рече дека нема руски војници присутни во Киев, додавајќи дека од 31 смртен случај, девет биле цивили.
Украина и Русија се согласија да одржат разговори на белоруската граница
Украинските и руските претставници ќе се сретнат на разговори на белоруската граница со Украина, соопшти кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Двете страни ќе се сретнат на неодредена локација на границата со Белорусија и не наведоа датум или време за средбата.
Разговорите ќе се одржат без предуслови и се резултат на телефонскиот разговор меѓу Зеленски и авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, се вели во соопштението од кабинетот на Зеленски.
„Се договоривме украинската делегација да се сретне со руската делегација без предуслови на украинско-белоруската граница, во близина на реката Припјат“, се вели во соопштението.
Стотици уапсени на антивоените протести во Русија
Русите во неколку градови, вклучувајќи ги Москва, Санкт Петербург и Самара, денеска повторно излегоа на улиците во знак на протест против руската инвазија на Украина. Демонстрантите маршираа во центарот на градовите, извикувајќи „Не на војната“.
Според ОВД-инфо, непрофитна организација која ги следи полициските апсења низ целата земја, до попладневните часови полицијата уапсила 461 лице во 32 града за учество во антивоени демонстрации.