Напад врз станбена зграда во Киев, нема жртви
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави фотографија на Твитер на која се гледа оштетување на станбена зграда во Киев од руски ракетен напад.
„Киев, нашиот прекрасен, мирен град, преживеа уште една ноќ под напади на руските копнени сили, проектили. Еден од нив удрил во станбен блок во Киев. Барам од светот: целосно да ја изолирате Русија, да ги протерате амбасадорите, ембарго на нафтата, уништете ја нејзината економија. Стоп за руските воени злосторници!“
Шерман: Путин ја уби дипломатијата и подобрата иднина за рускиот народ
Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да започне неиспровоцирана инвазија на Украина беше сериозно погрешна пресметка што ќе нанесе огромни штети не само на Украина, туку и на Русија, изјави заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман за украинската служба на РСЕ.
„Владимир Путин ја уби дипломатијата. Тој ја уби контролата на оружјето. Тој го уби создавањето подобра иднина за рускиот народ“, рече Шерман.
Околу 100 илјади Украинци по руската инвазија отишле во Полска
Околу 100.000 луѓе преминале во Полска од Украина откако Русија ја започна инвазијата во земјата, вклучително и 9.000 кои влегле од 7 часот наутро во саботата, изјави на прес-конференција полскиот заменик-министер за внатрешни работи Павел Шефернакер.
Зеленски: Киев се уште е под контрола на Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека главниот град Киев сè уште е под украинска контрола.
„Издржавме и успешно ги одбиваме непријателските напади. Борбите продолжуваат“, рече тој во видео пораката објавена на социјалните мрежи.