Новинари на РСЕ уапсени во Москва известувајќи за мирен анти-воен протест
Тројца новинари на РСЕ од програмата на Руски јазик беа уапсени во Москва при известувањето од мирниот анти-воен протест. Еден од нив го сними ова видео. На него се слуша како им објаснува на полицајците дека е новинар и бара да не применуваат сила.
Руските сили го зазедоа Чернобил, потврди украинскиот премиер
Нуклеарната централа Чернобил и зоната на исклучување околу неа се заземени од руските сили, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал на 24 февруари.
„За жал, морам да кажам дека, од сега, зоната Чернобил, таканаречената зона на исклучување и сите објекти во Чернобил се ставени под контрола од руски вооружени групи“, рече Шмигал на брифинг со новинарите по вонредниот состанок на владата во Киев, пренесе Ројтерс.
Руски безбедносен извор за Ројтерс изјавил дека „Русија сака да го контролира нуклеарниот реактор во Чернобил за да му сигнализира на НАТО да не се меша воено“.
Строги санкции и анти воени протести против Русија
Украинските власти соопштија дека земјата претрпела сериозни штети од рускиот напад, дека нуклеарната централа Чернобил не е повеќе под контрола на Украина, а украинското Министерство за здравство информираше дека најмалку 57 луѓе се убиени, а 169 повредени на 24 февруари, откако Русија ја нападна Украина.
САД, Британија, и други западни земји ги засилија санкциите за Русија по нападот на Украина. Антивоени протести се одржуваат во повеќе градови, а на протестите во Русија се уапсени неколку стотици демонстранти. За рускиот претседател инвазијата на Украина била „неопходна мерка“.
Исфрлањето на Русија од SWIFT и санкции лично за Путин се на маса, вели Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека исфрлањето на Русија од меѓународниот платен систем (SWIFT), како и идејата за санкционирање на рускиот претседател Владимир Путин лично за руската инвазија на Украина, остануваат како можност.
„Тоа не е блеф, тоа е на маса“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа.
Тој не одговори на прашањето зошто санкциите против Путин лично не се вклучени во координираната група санкции објавени во четвртокот, пренесува Ројтерс.