Итна седница на Генералното Собрание на ОН за Украина
Советот за Безбедност на ОН за денеска свика итно вонредно заседание на Генералното Собрание на ОН, на кое сите земји-членки на Светската организација можат да се изјаснат за руската инвазија врз Украина. Резолуцијата, која беше предложена од САД и Албанија, синоќа е усвоена од 11 земји.
Сирени и експлозии пред зори во Украина
Рано утрото во Киев се огласија воздушни сирени, на петтиот ден од инвазијата. Многу жители на градот продолжија да се кријат под земја. Неколку експлозии се регистрирани во текот на ноќта во главниот град на Украина и во други градови низ земјата, јавува Би-Би-Си. Украина тврди дека нејзините војници успеале да одбијат неколку напади на руските војници кои се обидувале да извршат инвазија во предградијата на главниот град.
ЕУ ќе финансира купување оружје за Украина
Европската унија планира да преземе чекор без преседан за купување оружје за Украина, изјавија претставници на блокот, додека блокот објави серија нови санкции како одговор на руската инвазија на Украина.
Планот на ЕУ ќе значи обезбедување на милиони евра со цел да се помогне во купување системи за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје, муниција и друга воена опрема за вооружените сили на Украина. Исто така, планот предвидува снабување на работи како гориво, заштитна опрема, шлемови и комплети за прва помош.
„За прв пат досега, Европската унија ќе финансира купување и испорака на оружје и друга опрема во земја која е нападната“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нарекувајќи го „момент на пресврт. ”
ЕУ го затвора возушниот простор за руски авиони
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија ќе го затвори својот воздушен простор за руските авиокомпании и приватните авиони поради руската инвазија на Украина.
Забраната беше донесена денеска од страна на министрите за надворешни работи на блокот. Одлуката е меѓу неколкуте акции што ги најавија министрите за надворешни работи по средбата во Брисел.
„Го затвораме воздушниот простор на ЕУ за Русите. Предлагаме забрана за сите авиони во руска сопственост, руски регистрирани или контролирани од Русија. Овие авиони повеќе нема да можат да слетаат, полетуваат или прелетуваат на територијата на ЕУ“, рече Фон дер Лајен на прес-конференција.