Руските сили на улиците низ Харков
Руските сили влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови.
Путин ја обвини Украина дека ја пропушта „можноста“ за разговори
Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските власти дека ја губат „можноста“ за разговори по инвазијата на Москва врз нејзиниот прозападен сосед.
Кремљ соопшти дека Путин го информирал израелскиот премиер Нафтали Бенет за „текот на специјалната воена операција за заштита на Донбас“.
За време на телефонскиот повик, како што се наведува во соопштението, Путин истакнал дека „руската делегација е во белорускиот град Гомел и е подготвена за преговори со претставниците на Киев, кои, според него, покажувајќи недоследност, сè уште не ја искористиле оваа можност“.
Украина поднесе жалба против Русија во судот во Хаг
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја поднела жалба против Русија до највисокиот суд на ОН кој ги решава правните спорови меѓу државите. Не е прецизно јасно врз која основа случајот е изнесен пред Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг.
„Украина ја поднесе својата апликација против Русија до Меѓународниот суд на правдата. Русија мора да сноси одговорност за манипулирање со поимот геноцид за да ја оправда агресијата. Бараме итна одлука со која и се наредува на Русија да прекине со воената активност сега“, напиша Зеленски на Твитер.
Македонија го затвори воздушниот простор за руски авиони
Владата на на денешната 18-та седница донесе одлука да се приклучи на препораките на ЕУ и на земјите членки кои веќе донесоа таква одлука, да воведе забрана за влез во воздушниот простор на територијата на Северна Македонија за авио компании од Руската Федерација.
„Од оваа одлука се изземаат хуманитарните и летовите кои се во случаи на итност“, се наведува во соопштението на Владата.