Руски антивоени протести во Екатеринбург
Стотици антивоени демонстранти денеска излегоа на улиците на рускиот град Екатеринбург за да ја осудат воената инвазија на нивната земја врз Украина. Извикувајќи „Не за војната“, многу од демонстрантите рекоа дека се срамат од својата нација, а неколкумина беа приведени од полицијата.
ОН ќе ја зајакнат хуманитарната помош за Украина
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи му дека светската организација планира „да ја зајакне хуманитарната помош за народот на Украина.
„Тој го информираше претседателот дека Обединетите нации во вторник ќе започнат апел за финансирање на нашите хуманитарни операции во Украина“, се вели во соопштението на портпаролот на ОН.
Германија ќе и испрати воена помош на Украина
Германската влада соопшти дека ќе испорача 1.000 противтенковски и 500 противвоздушни ракети Стингер за да ја зајакне одбраната на Украина за време на руската инвазија, што претставува значителна промена во политиката на Берлин во однос на војната. Германија, исто така, соопшти дека ќе и дозволи на Холандија да испорача 400 противтенковски оружја од германско производство во Украина.
„Руската инвазија на Украина означува пресвртница. Наша должност е да дадеме се од себе за да ја поддржиме Украина во одбраната од напаѓачката војска на Путин“, рече канцеларот Олаф Шолц.
Зеленски ги поздрави предлозите за мировни преговори на Турција и Азербејџан
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави предлозите на Турција и Азербејџан за мировни преговори со Русија и го издвои неговиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги како клучен за договорите за поголема меѓународна поддршка на Украина.
„Ќе се бориме онолку долго колку што е потребно за да ја ослободиме земјата“, рече Зеленски во кратката видео порака, додавајќи дека на неговата земја моментално и недостигаат нафта и нафтени продукти.