Зеленски: досега 137 Украинци загинаа во руската инвазија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 137 цивили и воен персонал досега се убиени во руската инвазија на неговата земја. Тој ги нарече „херои“ во видео-обраќањето објавено рано изутрината, во кое, исто така, наведува дека повеќе од 300 луѓе биле повредени за помалку од 24 часа борби. „Тие убиваат луѓе и ги претвораат мирните градови во воени цели. Тоа е никогаш нема да биде простено“, рече Зеленски.
Eксплозии во Киев, соборен руски авион
Украинските сили соборија непријателски авион над Киев во петокот во раните утрински часови, кој потоа удри во станбена зграда и ја запали, изјави Антон Херашченко, советник на министерот за внатрешни работи. Не е јасно дали авионот бил со екипаж. Херашченко на Телеграм напиша дека гори деветкатна станбена зграда. Претходно во Киев се слушнаа серија експлозии за кои Херашченко рече дека се звуци на пукање на воздушната одбрана кон авионот. Русија во четвртокот започна целосна инвазија на Украина, а Киев објави дека има десетици жртви и стотици ранети.
Зградата на МНР обоена во боите на украинското знаме
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот Фејсбук профил објави слики на кои се гледа дека зградата на МНР е обоена во боите на украинското знаме. Тој напиша дека тоа е во знак на солидарност со Украина и украинскиот народ. Османи пишува дека со овој чин сакаат да пратат силна порака на поддршка и солидарност со Украина и пријателскиот украински народ, во овие тешки моменти.
Европскиот совет даде зелено светло за нови санкции кон Украина
Европскиот совет вечерва одобри нови санкции против Москва, како одговор на руската инвазија на Украина. Санкциите го опфаќаат финансискиот сектор, секторите енергетика и транспорт, стоките за двојна намена, како и контрола и финансирање на извоз, визна политика и дополнување на листата на санкции за руски поединци.