Новинари на РСЕ уапсени во Москва известувајќи за мирен анти-воен протест
Тројца новинари на РСЕ од програмата на Руски јазик беа уапсени во Москва при известувањето од мирниот анти-воен протест. Еден од нив го сними ова видео. На него се слуша како им објаснува на полицајците дека е новинар и бара да не применуваат сила.
Бајден најави замрзнување на средствата на руските банки
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден најави нови санкции против Русија по инвазијата на Украина, вклучително и замрзнување на средствата на големите банки и прекин на извозот на висока технологија во земјата.
„Ова ќе наметне високи трошоци за руската економија, и веднаш и со текот на времето“, рече Бајден на 24-ти февруари.
Тој додаде дека овие потези на САД се во координација со Европа и дека ќе ги блокираат водечките руски банки од американскиот финансиски систем
Британија со санкции за руски Аерофлот, банки, олигарси
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска го претстави пакетот „строги“ санкции против Русија. Санкциите се насочени кон банки, членови на најблискиот круг на претседателот Владимир Путин и екстремно богатите кои уживаат во популарниот лондонски стил на живот. Западните земји ја координираат акцијата за воведување строги санкции против Русија како одговор на нејзината сеопфатна инвазија врз соседна Украина.
Говорејќи пред парламентот, Џонсон рече дека Путин ќе биде осуден од светот и од историјата за неговата инвазија.
„Никогаш нема да може да ја исчисти „крвта на Украина“ од неговите раце. Овој грозен и варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши со неуспех“, изјави тој пред парламентот кога ги објави новите санкции.
Антивоени протести пред руските амбасади во Белград и во Загреб
граѓани и активисти на Младинската иницијатива за човекови права и Зелената младина на Србија се собраа на 24 февруари пред руската амбасада во Белград во знак на протест против руската инвазија на Украина, која започна истиот ден. Насобраните го истакнаа знамето на Украина, а дел од нив носат и транспаренти со пораки „Мир пред се“, „Стоп за руската агресија“, „Слава на Украина“.
Пред Амбасадата на Руската Федерација во Загреб се одржаа два протести по повод рускиот напад врз Украина. Околу пладне дваесетина мировни активисти протестираа пред амбасадата, а рано попладне протестираа припадниците на украинското малцинство во Хрватска и нивните пријатели.