Достапни линкови

Работниците во странските фирми си патат од домашните директори


Илустрација
Илустрација

Македонските директори на странските компании во земјава ги вршат најголемите притисоци врз вработените за да ги спречат синдикално да се организираат. Синдикалците бараат Трудовиот инспекторат да ги казнува менаџерите кои спречуваат синдикално организирање.

Домашни менаџери во дел од компаниите со странски капитал во земјава вршат голем притисок врз работниците синдикално да не се здружуваат, а удел во ова имаат и некои државни трудови инспектори кои не се на ниво на задачата, рече Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија на неодамнешната јавна дискусија „Синдикално здружување во приватниот сектор“ во организација на МКЦ-Битола.

„Како пример ќе посочам една компанија во соседен град на Битола, во која директно од домашниот менаџер во странската компанија се врши директен притисок за отчленување на работниците кои од компанијата се зачлениле во синдикатот. Во Скопје во компанија каде биле зачленети 400 работници во синдикат, денес има само еден. Тоа е сериозен проблем за нас синдикатите“, рече Трендафилов.

Според него, Трудовиот инспекторат не треба да избегнува да ги казни оние кои неколку пати ја повторуваат истата грешка, односно спречуваат синдикално здружување. Посочи дека во компанија од Прилеп има два синдикати, а работодавачот прави сѐ едниот да го згасне. Од друга страна, до Трудовиот инспекторат се доставени документи, писмени докази дека се прекршува Законот за работни односи, а тој разговара директно со менаџерот и не постапува согласно неговите надлежности.

„Најголем проблем за синдикално здружување се договорите за вработување на определено време кои, за жал, со сегашната законска регулатива може да се склучуваат секој месец по еднаш или 12 пати во годината, со тоа се намалува сигурноста на работниците, а со тоа и можноста да се вклучат во синдикално здружување зашто од страна на работодавачите на оние кои ќе се здружат им се откажуваат договорите по истекот на рокот. Во голем број на странски компании само директорот, менаџерот има договор за вработување, а сите останати работници имаат договори за вработување на определено време што во една држава која е аспирант за членство во ЕУ не би требало да се случува“, рече Трендафилов.

Сепак, има и исклучоци, односно позитивни примери како што е битолската компанија „Сокотаб“, каде 75 проценти од вработените се синдикални членови и пред повеќе години имаат потпишано колективен договор.

„Синдикалната организација да го поправи имиџот од изминатите години и да се помрдне од таа точка на организација која обезбедува роба на рати, полутки, во организација која ги застапува интересите на вработените. Од друга страна, менаџментот треба да се ослободи од тие предрасуди формирани од дамнешни времиња и да сфати дека и во нивен интерес е да обезбедат подобри услови за вработените“, рече Билјана Силјановска од „Сокотаб“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG