Без разлика дали, кога и со кого разговарал долгогодишниот владин коалициски партнер Али Ахмети за промена на државните симболи ја отвора темата во јавноста за потребата, но и за позитивните и негативните исходи од промена на химната, знамето и грбот.
Дел од аналитичарите посочуваат дека токму краткото видео кое беше објавено во медиумите во кое лидерот на ДУИ Ахмети вели дека е разговарано за промена на химната, грбот и знамето е класичен дефокус од проблемите со кои се соочува земјава како блокирани евроинтеграции, недостаток на вакцини и поскапување на производи.
Политикологот Владимир Божиновски вели дека државните симболи служат за идентификација на државата во светот и дека сега не е време за отворање на таква тема затоа што во моменталната ситуација има поприоритетни проблеми на кои треба да се работи. Во ситуација кога сме се уште во здравствена криза, во момент кога сме во економска криза, кога има еден куп други проблеми, наметнување на дебата за државни симболи е бегање од вистинските проблеми, вели Божиновски.
„Потегнувањето на ова прашање токму вчера коинцидираше со ветото од Бугарија. Ниту е време ниту е момент да се говори сега за промена на државни симболи. Мене ми личи на дефокус од ветото од Бугарија, “ вели Божиновски.
Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека оваа тема не е приоритет, но кога веќе се отвора треба да се посочи дека етничките Албанци не се идентификуваат со државната химна.
„ Поради фактот што тој симбол на државата како и знамето биле симболи донесени без етнички консензус. Факт е дека во процесот на градење на државата Албанците не биле вклучени или самите исклучени од процесот, овие теми се секогаш резервни теми за отворање од страна етничките партии“ вели Незири.
- Ахмети: Разговарано е за промена на химната, грбот и знамето
- Владата го демантира Ахмети- не е разговарано за промена на државните симболи
Еден од првите луѓе во ДУИ министерот за надворешни работи Бујар Османи дообјаснувајќи ја изјавата посочи дека Ахмети мислел на разговори кои се случувале пред 20 години и дека во меѓувреме имаше промена на грбот на државата.
„Но, нема такви преговори, а очигледно е дека прашањето на химната не е инклузивен елемент во државата, и тоа го чувствувате на спортските натпревари кога се нè спојува, освен химната каде еден голем дел од граѓаните не се гледаат внатре, не се споменуваат. А, ние градиме едно мултиетничко општество за кое сите ни завидуваат“, вели Османи во емисија на ТВ 21.
Божиновски вели дека може да има дебата на таа тема, но треба да се погоди моментот за тоа, а тој не е сега, особено сега кога ДУИ најави ребрендирање на партиијата.
„Кај етничките партии кога ќе ги се остават тие права кои ги ветуваат пред избори, потребно е едно ребрендирање. Затоа што ми беше претпоставката дека со оваа „зелена агенда“ го означува тоа ребрендирање, каде што полека ДУИ од етничка се трансформира во граѓанска партија, затоа што граѓанската партија има широко поле на дејствување, додека етничката партија е фокусирана на етнички елементи“ вели Божиновски.
Првата измена на државниот грб кој се користи од 1946 година настана во 2009 година кога беше отстранета црвената петокрака од социјалистичкиот македонски грб.
Подоцна во 2014 година тогашната коалиција меѓу ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ на владина седница донесе предлог за измена на државниот грб во златен лав на златна позадина. Тогаш за ДУИ беше прифатлива таква измена на грбот затоа што лавот се наоѓал на грбовите на многу стари и големи албански семејства. Но, тој предлог не помина во Собранието, каде што за негова измена беа потребни гласови од двотретинско мнозинство.
Светските примери покажуваат дека државните симболи не се менуваат често. Некои западни земји имаат и повеќе од стогодишна традиционална употреба на државните симболи.
На пример Марсељеза е песна е напишана во 1792 година и станала државна химна на Франција во 1795 година. Поради воениот карактер на песната која е напишана во пресрет на војната со Австрија, текстот бил критикуван како агресивен, но останал непроменет поради тоа што е симбол на Француската револуција.
Германската химна која е напишана во 1922 година. а како песна ја користела нацистичката партија на Хитлер, поради негативниот призвук денеска се користи само третата строфа. Првите две строги не се забранети, но никогаш не се пеат на официјални пригоди, затоа што пеењето на првата строфа може да се протолкува како изразување на десничарски политички став. Турската химна е напишаната 1921 година и до денеска е непроменета национална химна.
Денес над Македонија е песна напишана од Владо Малески во 1941 година и по завршувањето на Втората светска војна е усвоена како македонска химна во рамките на поранешната Југославија, а по осамостојувањето во 1992 година со закон е прогласена за химна на независна Македонија.