Достапни линкови

Прозата на Прокопиев во најновата едиција на Les Lettres Européennes


 Александар Прокопиев
Александар Прокопиев

Во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности Les Lettres Europeénnes објавена неодамна во француската метропола Париз, е анализирана и прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев.

Македонскиот писател Александар Прокопиев деновиве се најде во друштво значајни имиња на современата европска литература. Неговата проза е анализирана во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности Les Lettres Europeénnes што излезе од печат во Париз, Франција. Тој заедно со автори како Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович и Људмила Улицкаја е застапен во неговото последно поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“.

Во анализата на поетиката на Прокопиев, посебно во збирката раскази „Човечулецот“ и новелата „Ѕиркачот“, се цитирани мислењата на наградувани балкански творци негови современици како Владислав Бајац од Србија и Георги Господинов од Бугарија. Притоа творечкиот пристап на нашиот книжевник се споредува со оние на инвентивни раскажувачи како Доналд Бартелми или Итало Калвино...

Тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи бројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“, се заклучува во освртот.

Автори на најновата едиција Les Lettres Europeénnes се четворица универзитетски професори: Аник Беноа-Дисосо, Ги Фонтен, Јан Једрзејевски и Тимур Мухидин, кои соработувале со уште двесте книжевници од Стариот континент. Предговорот на актуелното издание, пак, е дело на полската писателка и добитничка на нобеловата награда Олга Токарчук. Конечно во ова капитално дело од речиси 1200 страници, во 16 поглавија, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од Средниот век до денес.

Од друга страна, ваквиот след на настаните за Александар Прокопиев доаѓа по бемалку цела една декада од добивањето на престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“ во 2012 токму за книгата раскази „Човечулец“. Тогаш тој ќе рече дека наградата колку и да е признание за индивидуалната работа, всушност е и признание на цела една литература или попрецизно за македонската проза.
„Тоа од една страна сигурно дека го обврзува авторот да се посвети на својата работа со доказ дека вредело тоа да го прави, но обрзува некои други фактори да помислат дека токму македонската литература, македонската проза со добри преводи, со добра стратегија може многу да направи за нешто што се нарекува во современиот вокабулар - идентитет на народот, идентитет на културата, идентитет на нацијата.“

Роден во Скопје 1953 година Александар Прокопиев, дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата за компаративна книжевност и теорија на литература. Доктор е по книжевни науки, предава на постдипломските културолошки студии при Институтот за македонска литература во родниот град и се смета за основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература.

Автор на дваесетина прозни дела како книгите раскази „Младиот мајстор на Играта“ (1983), „...или...“ (1987), „Пловидба кон Југ“ една година подоцна, „Слово за змијата“ (1992)... и други, збирката со хаику „Слика тркало“ (1998), книгите со есеи „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патување на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и компјутерот“ (2005), новелата „Ѕиркачот“ ( 2007), збирката раскази „Човечулец“ (2011) и неговата, како што знае да каже, најголема и „најдебела“ книга „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски, арапски, албански, словенечки, хрватски и други јазици.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG